Агенцијата за управување со одземен имот денеска на аукција продаде три стана и гаража во Скопје од одземениот имот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, соопшти директорот на агенцијата Дритон Небиу на прес-конференција. Тој кажа дека од денешната продажба на дел од одземениот имот се собрани 332.276 евра и тие ќе бидат уплатени во државниот буџет.
Станува збор за три стана на улица „Славејко Арсов“ на Водно, еден од 78 метри квадратни и два од 73 метри квадратни, како и гаража од 30 метри квадратни.
„Истовремено ја информираме јавноста дека продолжуваме понатаму за истиот предмет и во најскоро време ќе објавиме продажба и за други недвижности за кои што веќе имаме правосилни судски одлуки“, рече Небиу.
Тој ги повика граѓаните да учествуваат во електронското јавно наддавање и додаде дека секој граѓанин, физичко или правно лице има право да учествува во јавното наддавање, освен вработените во Агенцијата за управување со одземен имот и осуденото лице.
Конфискуваниот имот е од случајот „Империја“, во кој Мијалков призна вина и се спогоди со Обвинителството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот Мериот.