Бидејќи Љупчо Палевски – обвинетиот организатор на грабнувањата и егзекутор на велешанецот Панче Жежовски на 22.11.2023 година, а потоа и на Вања Ѓорчевска на 27.11.2023 година, ги оспори доказите на обвинителството за неговата локација тие два дена, обвинителката Жаклина Крстевска денеска во судница донесе испечатена комуникација меѓу него и сведокот Ерол Османи.
Палевски тврди дека на 22.11.2023 му поправал котел за парно на Османи, во времето кога обвинителството тврди дека всушност го киднапирал и убил Панче заедно со обвинетите Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев.
„Според оваа комуникација на месинџер, сведокот Ерол Османи му пишал на Палевски на 22.11.2023 година во 16 часот со фотографија на делот кој е расипан, тој не му одговорил. На 25-ти пак му пишал, дека го бара за греењето, Палевски не му одговорил. На 27.11.2023, околу 11 часот Ерол Османи му праќа порака: ‘Ќе идеш навака?’. Нема одговор, па во 15.55 часот пак нова порака му праќа: ‘Да купам нова електроника?’. На 27.11. ниту отишол кај сведокот Ерол Османи, ниту извршил некаква поправка”, кажа обвинителката.
Дури во 23.30 часот Палевски му вратил одговор. Дотогаш не отишол кај него, тврди таа.
Палевски приговараше и зошто немало вештачење на чаурата од 9 мм од пиштол „зброевка” најдена крај трупот на убиениот 74-годишен Жежовски кај местото Рудник крај Велес.
Обвинителката донесе известување од МВР дека според истражувањето кај нив, чаурата има отисок од игла на „зброевка”, а не може да се вештачи зашто во базата на податоци нема други чаури од тоа оружје за компарација. Исто како да не е пукано претходно со него.
За разлика од Манев и Кешишев кои ги признаа монструозните кривични дела, Видевски исто како и Палевски, ги негираше.
Тој кажа дека на 22.11. бил на работа, а на 27.11. имал куќна слава.
Но, обвинителката донесе доказ од електронската евиденција на велешкото претпријатие кај што работи, според која Боре Видевски не бил на работа тие два дена.
Судењето е на крајот. Палевски денеска кажа дека се работи за невешто местење, со спорни докази, за две тешки убиства кои како што рече, тој не ги сторил.
Тој не успеа да го оспори ни видеоматеријалот од камерите во дворот на Велибор Манев, каде се гледа како се спремаат во униформи и радиостаници да го грабнат Жежовски. Обвинителката Ана Димитриевска кажа дека Манев не го сетирал времето од летно во зимско и затоа камерите покажуваат еден час наназад.
С. К. ДЕЛЕВСКА