Трансплантација на црн дроб од жив дарител на Клиниката за дигестивна хирургија, реконструкција на дојка на Торакална и пластика, потоа скрининг на крвта за западно-нилска треска, но и баријатрична хирургија за екстремна дебелина, се дел од новините кои денеска ги најави директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски, на презентацијата на годишниот план за 2025.
Фондот во 2025 има почетен буџет од над 8 милиони евра (53,4 милијарди денари), зголемување од седум милијарди во однос на почетниот буџет во 2024.
Најголеми условни буџети имаат Клиниката за радиотерапија и онкологија, Клиниките за детски болести, Хематологија, Неврологија, Ревматологија, Кардиологија, Дигестивна хирургија, Гастроентерохепатологија, Државна кардиохиругија и Институтот за трансфузиона медицина.
„Ќе има и повеќе нови лекови. Првпат се работи на Трансфузиологија да вклучиме скрининг на крвта за западно-нилска треска, бидејќи веќе имаше неколку смртни случаи минатото лето и сакаме да спречиме вирусот да се пренесува преку крвта, тоа е надвор од стандардниот сет на тестирање крв. На Дигестивна хирургија во Скопје течат подготовките за прва трансплантација на црн дроб од жив дарител, планираме 10 трансплантанции, тоа е во условен буџет бидејќи ќе платиме толку трансплантации колку што ќе се направат. Досега за ова осигурениците ги упатувавме на лекување во странство. Ќе дозволиме и правење баријатрична хирургија за екстремен обезитас бидејќи тој потоа води во други здравствени проблеми“, рече Клековски.
Тој најави дека Урологија повторно ќе има трансплантација на бубрези, откако центарот беше затворен, а на Торакална и пластика ќе се работи реконструкција на дојка, што е уште една новост.
„Зголемувањето на буџетот на Детска клиника е заради очекуваниот зголемен опфат на болни со цистична фиброза. Во преговори сме да ја спуштиме границата на децата кои се третираат со ‘трикафта’. Според протоколите, сега се шест години, ние ги третираме од дванаесет. Во преговори сме со производителот, со обезбедување позначаен попуст, да ги обезбедиме сите пациенти спрема возраста каде веќе има медицинска индикација, да се дава ‘трикафта’“, кажа Клековски.