НА ИНФЕКТИВНА ФАЛАТ 100 ЛУЃЕ, И ДА СЕ ОБЕЗБЕДАТ ВРАБОТУВАЊА ЌЕ НЕМА КОЈ ДА СЕ ВРАБОТИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО

    НА ИНФЕКТИВНА ФАЛАТ 100 ЛУЃЕ, И ДА СЕ ОБЕЗБЕДАТ ВРАБОТУВАЊА ЌЕ НЕМА КОЈ ДА СЕ ВРАБОТИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВОСпоред Клековски, проблемот е глобален, секаде има голем недостиг на лекари и медицински персонал, но мора да се каже и дека имаме намалување на популацијата. (Фото: К. Попов)

    На Инфективната клиника во Скопје има недостиг од 100 вработени, рече денеска директорот на Фондот за здравствено здравствено осигурување (ФЗОМ) Сашо Клековски.

    „Тој одлив се случи со ковидот, не потоа. Делумно поради пензионирање, делумно поради заминување. Состојбата со инфектолози е критична низ територијата на целата држава, бидејќи има многу мал интерес за специјализација по инфективни болести. Во повеќе болници сме оставени на пензионерите и со продолжување до 67 години. Мораме и со програмата за специјализација и со  мотивацијата на персоналот да обезбедиме минимум капацитети. Во комуникација сме со Министерството за здравство, со директорот на Инфективната клиника, со Министерството за финансии. Проблемот е што сега и да се одобрат 100 работни места, ќе нема кој да биде вработен“, кажа Клековски на денешната средба со медиумите.

    Според него, проблемот е глобален, секаде има голем недостиг на лекари и медицински персонал, но мора да се каже и дека имаме намалување на популацијата.

    „Не се намалува само еден параматар, се намалува и бројот на пациенти. Нашиот застарен концепт е направен пред многу време. Мораме да го преиспитаме севкупниот концепт, од Брза помош, на пример, дали треба да функционира со лекари или со парамедици. Какви болници, какви тимови ќе бараме. Овој концепт е направен пред 15 години, кога имаше голема невработеност. Сега веќе нема кој да се вработува на овие места. Регионализацијата е неминовна и во повеќето помали центри ќе има поликлиники кои ќе бидат дневни амбуланти, болнички капацитети ќе има во неколку регионални центри. Тоа е неминовно. Тие центри ќе мора да бидат екипирани и опремени со целиот кадар. Се работи една стратегија во Министерството за здравство со поддршка на Европската унија. Некои капацитети ќе се затворат, но нема да се затворат со отпуштање, туку со спојување со други установи“, кажа директорот на Фондот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира