НА КОЛКУ ПЛАЌАШ ДАНОК НА ИМОТ, ТОЛКУ ЌЕ ДОБИЕШ ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА, СЕ СТОПИЈА 300-ТЕ МИЛИОНИ ЕВРА ПРВИЧНО ПРЕДВИДЕНИ ЗА ТРАСАТА НА АВТОПАТИТЕ ШТО ЌЕ ГИ ГРАДИ „БЕХТЕЛ И ЕНКА“

    НА КОЛКУ ПЛАЌАШ ДАНОК НА ИМОТ, ТОЛКУ ЌЕ ДОБИЕШ ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА, СЕ СТОПИЈА 300-ТЕ МИЛИОНИ ЕВРА ПРВИЧНО ПРЕДВИДЕНИ ЗА ТРАСАТА НА АВТОПАТИТЕ ШТО ЌЕ ГИ ГРАДИ „БЕХТЕЛ И ЕНКА“Еден од оние кој се бореше и ја убеди Владата тие стотици милиони евра за експропријација пишани на ѓутуре да се врзат со даночните решенија и да добијат законски пат, е пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески од Струга (Фото:СДК.МК)

    Има надеж за забрзување на градбата на автопатот Кичево-Охрид, заглавен 6 години во судски процеси за експропријација, зашто граѓаните во принцип на државата ѝ плаќаат мал данок на имот, а при експропријација, на суд тврдат дека тоа не важи, имотот всушност им бил многу повреден. Бараат повисока отштета за одземениот имот, од пазарната вредност за која плаќаат данок, што е една од причините за долг застој на градбата на овој автопат.

    Конечно, на собраниската расправа за предлог-законот за експропријација за капитални инфраструктурни автопатишта, министерот за финансии Фатмир Бесими кажа дека експропријацијата за новите автопати од коридорите 8 и 10Д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“ ќе се исплаќа по даночните решенија на граѓаните, а не како ќе им текне ним, од ракав.

    Таа нова методологија ќе биде преточена во подзаконски акт и ќе важи општо, за секоја експропријација.

    Така преку ноќ, предвидените 300 милиони евра за експропријација на имот при изградба на коридорите, паднаа на 213 милиони. Паушалната сума од 300 милиони евра предизвика сомнежи за можна корупција и дека со нив ќе се купуваат гласови за изборите следната година.

    Со овие пари за експропријација ќе располага Јавното претпријатие за државни патишта, чиј директор е Ејуп Рустеми од ДУИ, а со целиот проект раководи вицепремиерот Артан Груби, додека министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не се спомнува никаде.

    Еден од оние кој се бореше и ја убеди Владата тие стотици милиони евра за експропријација пишани на ѓутуре да се врзат со даночните решенија и да добијат законски пат, е пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески од Струга.

    „Во Уставот стои дека експропријација се врши според пазарната вредност на имотот. Министерот како претходно на комисија, спомна и на седницава за промена на методологијата. Фактички, тоа ќе оди како подзаконски акт на Законот за процена, измена на членот 4. Процена за експропријација да се врши според даночното решение на сопственикот на имотот! Ние како граѓани плаќаме данок според вредноста утврдена во даночното решение. Данок на имот се плаќа на пазарна вредност. Како што пишува во Уставот. Фактички, ние, вие, како граѓани сами сме ја признале вредноста во даночното решение како пазарна вредност. Бидејќи, сами сме се согласиле на тој износ да плаќаме данок. Ако реагирале граѓаните дека тој износ е мал, дека имотот пазарно вреди повеќе, тогаш требало да плаќаат поголем данок на државата. И обратно, ако сметале дека преценет им е имотот, плаќаат поголем данок одшто треба, требало да реагираат. Зошто ќе се прават овие подзаконски акти и ќе плаќаме по даночните решенија? Зашто ние сме имале проекти, како автиопатот Кичево-Охрид, каде судски процеси за експропријација траеле по 5-6 години, а има и такви кои траа и ден-денес“, кажа Митрески на денешната седница во Собранието и додаде дека ова е фер начин на исплата на отштета на имотот што ќе се присвојува за градба на коридорите, бидејќи граѓаните сами ја прифатиле вредноста.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира