Министерката за одбрана Славјанка Петровска и американската амбасадорката Анџела Агелер денеска на полигонот „Криволак“ ги посетија американските и македонските војници на вежбата „Храбар партнер 23“. На вежбата се изведуваше гаѓање со оклопно возило „Страјкер“, кое од следната години треба да биде дел од вооружувањето на македонската армија.
Петровска кажа дека оваа вежба е важна од два аспекти, да се покаже капацитетот на армискиот полигон „Криволак“ и можноста македонските војници да се запознаат со способностите на оклопните возила „Страјкер“.
„Полигонот ‘Криволак’ повторно се користи од страна на нашите сојузници со што се покажува взаемната доверба која што ја имаме, а ова е и добра можност припадниците на македонската армија да ги видат способностите на возилата ‘Страјкер’ кои наскоро ќе бидат дел од капацитетите на македонската армија“, рече министерката, најавувајќи дека првите возила од овој тип се очекува да пристигнат кон крајот на 2024 година.
Амбасадорката Агелер се заблагодари за можноста припадниците на Армијата на САД за Европа и Африка да вежбаат и да се усовршуваат на „Криволак“.
„Сакам да му се заблагодарам на бригадниот генерал Елис што тука ги донесе припадниците на 2. Коњанички полк затоа што колку повеќе работиме заедно. Колку повеќе заедно извежбуваме постигнуваме поголема интероперабилност, а истовремено на тој начин Армиите стануваат поподготвени заедно да делуваат и да ги исполнуваат способностите кои се потребни за НАТО“, рече амбасадорката Агелер.
Оклопните возила „Страјкер“ се дел од Планот за модернизација на Армијата согласно кој македонската Армија ќе биде опремена со оваа платформа по принципот на „целосен пакет“, односно освен возилата, набавена ќе биде и пропратна опрема како вооружување, балистичка заштита, електронски уреди, средства за комуникација и други елементи.
Американскиот Стејт Департмент во март 2021 година одобри продажба на 54 лесни оклопни возила „Страјкер“ на македонската влада за потребите армијата. Набавката на возилата „Страјкер“ е во вредност од 210 милиони долари.