Министерката за локална самоуправа Ширете Елези на заедничката прес-конференција во Владата со вицепремиерот Владимир Пешевски, се обрати на албански јазик. Министерката Елези се обрати првин на македонски јазик и истото тоа потоа го повтори на својот мајчин јазик.
На новинарско прашање: „Дали господине Пешевски со говорот на албански на вашата колешка се загрозува Владата и суверенитетот на Република Македонија?“, вицепремиерот, кој е од ВМРО-ДПМНЕ, одговори:
„Прашањето ќе го сфатам како обид за провокација и нема да одговорам. Но, не се чувствувам воопшто загрозен од обраќањето на министерката на албански јазик“.
Прес-конференцијата беше за владината политика и мерки за рамномерен регионален развој во Македонија.
Едно од барањата во Заедничката платформа на албанските партии во Македонија е министрите Албанци да можат на владините седници и на прес-конференците во Владата да може да се обраќаат и на албански јазик.