НА ПОЧЕТОК КОПИРАВМЕ РАЗГОВОРИ НА СДСМ, НО ПОТОА НАЈВАЖНИ НИ БЕА ЈАНКУЛОСКА И ЈАНАКИЕСКИ, СВЕДОЧЕШЕ ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ КАКО ГИ ВАДЕЛЕ ПОДАТОЦИТЕ ОД УБК

    НА ПОЧЕТОК КОПИРАВМЕ РАЗГОВОРИ НА СДСМ, НО ПОТОА НАЈВАЖНИ НИ БЕА ЈАНКУЛОСКА И ЈАНАКИЕСКИ, СВЕДОЧЕШЕ ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ КАКО ГИ ВАДЕЛЕ ПОДАТОЦИТЕ ОД УБКСвиркачот Ѓорѓи Лазаревски попладнево пристигнува во Основниот суд Скопје 1 по паузата на судењето за предметот „Тврдина-Таргет“ да даде исказ како сведок на СЈО. (Фото: СДК.МК)

    Свиркачот Ѓорѓи Лазаревски на денешното судење за „Тврдина-Таргет” објасни како со колегата од УБК Ѕвонко Костовски ги ваделе податоците за нелегалното прислушување. Тој во сведочењето рече дека на почетокот ваделе податоци од прислушувањето на опозицијата, но потоа дознале дека се прислушкуваат и функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а најважни им биле министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески.

    Проблемот со читањето на податоците на експортираните податоци од нелегално прислушуваните разговори сведокот Лазаревски и неговиот претпоставен Костовски го решиле со тоа што Костовски му ги дал во хтмл формат на стандарден компјутерски јазик. Двајцата успеале да направат комплетно читање од хтмл и да направат табела и да ја поврзат со аудиофајлови. Незаконски следената комуникација можело да биде и смс порака, сведочи Лазаревски како почнало преснимувањето на разговорите, копирањето и изнесувањето од УБК.

    Двајцата проучиле начин како да вадат податоци од прислушувањата кои биле нелегални и во огромен број.
    „Клучен елемент кога заклучивме со Ѕвонко дека нешто треба да преземеме беше упадот во А1 телевизија. Тоа беше глетка која кажа дека е дојдена власт која тешко ќе се контролира”, рече Лазаревски.

    За ова тие му кажале на Зоран Верушевски, кој се вратил од дипломатска мисија во Рим.
    „За една – две недели ние го разработивме системот за вадење. Првпат Ѕвонко екпортираше прислушувани разговори на крајот на 2010 година, исклучиво смс пораки на двд. Сѐ беше праќано кај мене. Потоа му ги давав на Верушевски. Ги копирав на екстерен криптиран диск, го пополнував хронолошки како стигаше материјал и го чував кај мене три години”, одговараше Лазаревски.
    Тој диск Ѕвонко му го давал во  ходниците на МВР.
    „Го земав и го пикнав в џеб. Ако ме прашаше некој што имам, планирав да го пукнам, скршам. Но, во сите тие изнесувања, никој не ме праша”, раскажуваше главниот сведок на СЈО.

    „При крајот на 2010 година, копираниот материјал му го дадов на Верушевски. Година дена така, а потоа копиравме на мемори стик. Табелата со нелегални разговори стана со време преголема. Во ист ден вадевме, копиравме, изнесувавме. Верушевски го викавме селектор, бидејќи беше креативен во изборот на нелегалните прислушувани разговори. Мораше да крати. Верушевски селектираше што треба. На почеток копиравме од опозицијата на СДСМ. Но, дојдовме до сознанија дека многу функционери од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се прислушуваат незаконски. Јанкулоска и Јанакиески беа најважните што ги вадевме”,
    посочи сведокот.

    На прашање на судијата Владимир Туфегџиќ од кај знаеле што е легално, а што нелегално следење на комуникациите  Лазаревски стручно му објасни и додаде дека Ѕвонко го заклучил тоа.

    Во еден момент Верушевски побарал и тие да таргетираат, само 2 броја, на Мијалков и на Груевски.
    „Тоа на шега го примивме. Сѐ што се маркира  останува како траен запис кај операторите. Нашиот претпоставен Небојша Стајковиќ беше во бордот на Телеком и можеше да провери сѐ што ќе посака. Претпоставувам дека така и го контролирале началникот Горан Грујевски. А ако ги маркиравме Мијалков и Груевски и ние ќе извршевме криминал”, рече на маратонското сведочење денеска Ѓорѓи Лазаревски, кој сѐ уште важи за избркан од МВР и оваа власт не го враќа назад на работа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира