Во Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје ќе се вршат испитувања дали ембрионот е здрав пред да се почне постапката за инвитро, најавија денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски и деканот Даворин Трпески.
На потпишувањето на договорот за молекуларно-дијагностички анализи со ПМФ, Клековски ја најави оваа нова метода со која ќе се испитува дали новиот ембрион пред да се всади во матката на мајката е здрав и нема никакви генетски заболувања.
„Со ова ќе се зголеми успешноста на инвитро оплодувањата и можноста на свет да се донесе здрав плод. За оваа процедура од ембрионот ќе се земаат само неколку клетки. Воведени се шест инвитро интервенции на товар на Фондот, со што се овозможуваат поголеми шанси некои луѓе да се остварат како родители“, кажа Клековски.
Со денешниот договор ќе се извршуваат Ен-Џи-Ес (NGS) проверки, кои досега се работеа на Медицинскиот факултет и во МАНУ, а отсега ќе се спроведуваат и на ПМФ. За таа намена наскоро ќе биде објавен тендер за набавка на материјали, за да не се доведат во состојба да почне процедурата, а за некои пациенти да има недостиг.
„Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ е една од најмодерните лаборатории во земјата. Таа располага со напредна опрема за молекуларно-дијагностички анализи, вклучително и секвенционирање од новата генерација (NGS). Првата цел во овој момент е проширување на мрежата и зголемување на капацитетот за онколошки анализи, односно за прецизно и брзо утврдување на генски мутации кои се клучни за избор на целна онколошка терапија. Најсовремената опрема и стручниот кадар со долгогодишно искуство ќе придонесат за поефикасно одговарање на зголемената потреба од онколошки анализи во здравствениот систем и ќе претставуваат значајна поддршка на постоечките капацитети. Втората цел, како образовна и научна установа од областа на молекуларната биологија и генетиката, ПМФ со овој договор ќе им овозможи на студентите и вработените поголеми можности за практична примена на стекнатите знаења. Со овој договор се проширува националната мрежа за молекуларно-дијагностички услуги, што претставува значаен чекор напред за здравствениот систем во земјата“, кажа Трпески.
Во моментов, Фондот има договори за Ен-Џи-Ес анализи со МАНУ претежно за ретки и наследни болести, со институтите на Медицинскиот факултет и тоа на Институтот за патологија претежно за онкологија, на Институтот за имунологија претежно за имунодефициенции и трансплантации, на Институтот за судска медицина претежно за форензика; на Фармацевтскиот факултет претежно за хематологија и онкологија и на Институт за јавно здравје претежно за вирусологија. Вакви анализи извршуваат и приватни лаборатории, како и Ветеринарниот факултет.
Б. НЕСТОРОСКА



