Денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 за предметот на СЈО „Триста“ се одложи за 28 декември, оти на судскиот вештак му треба време да ја утврди здравствената состојба на Ѓоко Поповски. Одбраната вели дека тој не може да присуствува на судењето поради депресија, па судот на барање на СЈО ангажираше психијатар да утврди дали обвинетиот навистина е во депресија и дали може да присуствува на судењето.
Рочиштето беше затворено за јавноста, бидејќи се почитува приватноста на обвинетиот во случај кога се зборува за здравствени проблеми. Поповски ја образложувал својата здравствена состојба, а на стручното лице му била приложена здравствената документација од лекарот што му издал боледување на обвинетиот.
Случајот „Триста“ беше презентиран од СЈО на прес-конференција на 23 март. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи тогаш кажа дека се работи за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на помошникот министер во Министерството за внатрешни работи Ѓоко Поповски, во врска со јавна набавка што се однесува за 300 возила, при што го оштетил буџетот за над 450 илјади евра.
А. АНТЕВСКА