Судскиот буџетски совет побарал да се намали платата на штрајкувачите во судската администрација. Вчера попладне во сите судови е испратен факс во кој на претседателите им се налага да изготват решенија за сите вработени кои штрајкуваат за последните два месеци.
„Тоа значи дека платата ќе ни се намали за 40 отсто. Ова е само уште еден притисок, последен, во низата да се подели членството“, коментираат вработени во Кумановскиот суд, кои штрајкуваат од 18 мај.
Членови на синдикатот велат дека по закон имаат право да им ја намалат платата, но овој приод е селективен ако се знае дека пратениците на опозицијата повеќе од една година не одеа на работа, а примаа плата, исто како и штрајкувачите во образованието.
„Ако се примени одлуката на буџетскиот судски совет само дополнително ќе се намали семејниот буџет на нашите членови, поготово оние што имаат плата до 15.000 денари, а со тие пари хранат цели семејства. Наместо да ги прифатат нашите барања тие дополнително не казнуваат“, – велат штрајкувачите.
Во Кумановскиуот суд не штрајкуваат само неколку лица, додека останатите остануваат на ставот дека нема да го прекинат штрајкот додека не се исполни нивното барање за зголемување на платата.