Првото судско рочиште за масовното прислушување на стотици граѓани во периодот на владеењeто на ВМРО-ДПМНЕ, судијката Ленка Давиткова од Кривичниот суд го одложи за 17 јануари следната година. Како што контстатираше таа, немало процесни услови за одржување на главниот претрес.
Од обвинетите во овој случај на СЈО „Тврдина и Таргет“, покрај ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет во УБК Тони Јакимовски, бившата министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, дојдоа и вработените во УБК Владимир Варелов, од кого избеганиот Горан Грујевски го позајми идентитетот за да избега од Македонија, Маријан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Надица Николиќ,
Не беа присутни ексначалникот на Петтата управа Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои сè уште се во екстрадициска постапка во Солун каде што беа фатени по бегството од Македoнија, откако им беше одреден притвор.
На денешното рочиште кое што се одложи, Мијалков и Јанкулоска поднесоа листа на докази како и материјални докази за кои што Мијалков откако излезе од судот на новинарско прашање одговори дека е рано да се зборува за тоа какви дополнителни докази поднел до судот.
По желба на обвинетите и со образложение дека требало да се почитува презумпцијата на невиност, судијката Давиткова на новинарските екипи не им дозволи снимање во судницата.
С. К. ДЕЛЕВСКА