Министерот за правда Кренар Лога вели дека ќе испрати до Унгарија ново барање за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски и тој смета дека унгарските институции ќе го прифатат неговото барање, затоа што ќе биде наведено дека тој ќе биде преместен во хашките ќелии во притвор и во затвор.
„За Груевски, останува тој да одговара за девет предмети пред домашните судови и ќе барам со писмо уште еднаш екстрадиција на господинот Груевски, и во писмото ќе биде наведено дека ќе биде преместен во т.н. хашките ќелии, и во затвор и во притвор, што верувам дека ќе биде прифатливо за унгарските институции дека тие ќелии ги исполнуваат сите меѓународните стандарди за таква намена“, кажа денеска Лога.
Груевски доби азил од Унгарија во ноември 2018 година, откако преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија за да не оди во затворот Шутка на издржување затворска казна од две години за предметот „Тенк“ на поранешното СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра.
Министерот вели дека разговарал и со грчката амбасадорка во врска екстрадицијата на поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујовски и Никола Бошковски од УБК, кои се избегани во Грција и тамошните власти одбија да ги екстрадираат.
Лога вели дека само со екстрадиција на овие лица еднаш засекогаш правната држава ќе профункционира и вистински, а не само на хартија.