Министерот за здравство набави сензори за мерење гликемија во крвта кај децата. Набавени се сензори за 650 пациенти, наменети за деца и млади до 18 години со дијабет тип 1, бремени жени со дијабет тип 1, слепи лица, а останатите сензори ќе бидат доделени на Клиниката за ендокринологија.
„Драго ми е што конечно се набавени сензори за безболно мерење гликемија. Наместо вообичаени боцкања, процедура која е болна, создава и трауми кај децата, сега гликемијата ќе им се мери со помош на сензорите, следејќи ја најновата технологија. Со ова значајно го зголемуваме квалитетот на животот на децата. Како и во другите земји во светот, наша обврска како Министерство за здравство е да обезбедиме што подобра грижа за малите пациенти кои треба да пораснат во здрави личности, кажа министерот за здравство Фатмир Меџити.
Употребата на сензорите овозможува постигнување и одржување на гликемијата во секое време, превенирање на компликации од дијабетесот, оптимизирање на способноста за учење кај младите луѓе со дијабетес, а исто така се овозможува родителите да ја мерат ноќната гликемија на децата без да мора да ги разбудат.
Воедно, системите алармираат и превенираат акутни сосотојби кај дијабетесот како хипогликемија и хипергликемија. Сензорите се едноставни за употреба, се поставуваат на надлактицата и гликемијата се мери со електронски уред или со мобилен телефон.