НАЧАЛНИК И КОМАНДИР НА ГРАНИЧЕН ПРЕМИН ДИСКРИМИНИРАЛЕ ПОЛИЦАЈКА, ПОПРЕЧУВАЈЌИ Ѝ ГО ЗАКОНСКОТО ПРАВО ДА ГО ДОИ 9-МЕСЕЧНОТО БЕБЕ

    НАЧАЛНИК И КОМАНДИР НА ГРАНИЧЕН ПРЕМИН ДИСКРИМИНИРАЛЕ ПОЛИЦАЈКА, ПОПРЕЧУВАЈЌИ Ѝ ГО ЗАКОНСКОТО ПРАВО ДА ГО ДОИ 9-МЕСЕЧНОТО БЕБЕПолицајката-доилка вели дека била во ситуација да наоѓа превоз и да се снаоѓа со патници кои поминуваат граница за да дојде дома да го надои детето. (Фото: илустрација)

    Полицајка вработена на еден од северните гранични премини, добила случај за дискриминација од МВР против неа, зашто нејзините двајца претпоставени, ѝ го ускратиле правото на доење на бебето.

    Таа ги пријавила во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која утврдила директна интерсекциска дискриминација врз основ на пол, род и мајчинство сторена од Министерството за внатрешни работи, односно од началникот и од командирот на граничниот премин врз вработената – мајка на бебе кое сè уште било доенче.

    Во претставката, оштетената наведува дека е мајка на три малолетни деца од кои едно тогаш било на 9-месечна возраст и дека го дои, за што има право на продолжена пауза за доење од еден час и половина со вклучена и дневна пауза. Истакнува дека во организационата единица во која е моментално, нема услови да го користи и оствари нејзиното право на доење поради тоа што е надвор од местото на живеење, односно нејзиното работно место е оддалечено од местото на живеење над 20 километри.

    Начинот на кој стигаат вработените до работа е со службен превоз кој се одвива двапати на ден и согласно кој нема услови да го оствари правото на пауза за доење. Таа поднела барање до надлежните за распоредување во друга организациона единица која ќе биде поблиску до нејзиното место на живеење.

    Место претпоставените веднаш да ѝ одговорат, односно да ја преместат согласно нејзините законски и уставни права со проста наредба, тие усно ѝ го одбиле, по што ѝ рекле да го доуреди барањето и одново да го поднесе.

    Подносителката на претставката аргументирала пред Комисијата за дискриминација дека во организационата единица во која е моментално, за разлика од неа, друга колешка која непосредно се вратила од породилно отсуство и која го имала истиот проблем, добила решение и била распоредена поблиску до местото на живеење.

    Времето си врвело, таа поднесувала нови барања до претпоставените, одговор не добивала. Поради оддалеченоста од местото на живеење не можела да го дои своето дете, поради што смета дека го загрозува како неговото така и нејзиното здравје, а исто така посочува дека има уште две малолетни деца кон кои не може да ги исполнува нејзините обврски кон нив.

    „Мојот директен претпоставен, командирот, вели дека не се должни ниту да ми обезбедат превоз, ниту што било да преземаат по тоа прашање по што јас сум во ситуација да наоѓам превоз и да се превезувам со патници кои поминуваат граница за да дојдам и да го дојам своето дете”, наведува полицајката во претставката.

    Напоменува дека ова барање не било прво барање кое што е поднесено за распоредување, туку додека била бремена исто така поднела барање за распоредување, заради бременоста и лошите временски услови, како и лошиот пат, но ниту во таа ситуација не била распоредена по што го ставиле во ризик нејзиниот живот и здравјето на нејзиното бебе, по што заминала на патолошко боледување од причини на ризична бременост, за што во прилог ги доставува и извештаите од боледувањето.

    Подносителката знаела дека нејзините мајчински права се пропишани со колективен договор на МВР, а во кој влегува и решението за доење.

    Заштитата од дискриминација на работничка по основ на бременост, раѓање и родителство е утврдена во член 9-6 од Законот за работните односи. Правото на доење го има работничката до наполнети 15 месеци возраст на детето.

    Во дописот до Комисијата за дискриминација, за овој случај МВР наведува дека имало објективни пречки да се постапи за какво било преместување, зашто барањето било поднесено баш во предизборен период, за кога Антикорупциската комисија дала стриктна забрана за преместувања, вработувања, отпуштања, унапредувања, деградирања и друго. Но, и покрај тоа, дека со наредба таа во април била преместена на работа поблиску до нејзиното место на живеење. Два месеца подносителката се малтретирала со бебето, додека да ја преместат поблиску до нејзиното место на живеење.

    Комисијата во одлуката донесе и препорака: „МВР во рок од 60 дена од денот на добивањето на мислењето со оваа препорака, да изготви соодветен интерен акт со кој ќе воспостави процедура за ефективно уживање и остварување на правото на мајката доилка од член 171 од Законот за работните односи и член 126 од Колективниот договор на МВР, односно навремено постапување во случаи исти или слични како тој на подносителката, како изрично гарантирање на правото на организиран превоз за работничките во исти или слични ситуации како подносителката и за тоа да ја извести Комисијата“.

    Се препорачува на Министерството за внатрешни работи и на одговорните лица во него, во иднина да се воздржуваат од вакви дискриминаторски дејствија врз вработените.

    Ако препораката не е исполнета во предвидениот рок, Комисијата има законска надлежност да поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд.

    Во разговор со членови на КСЗД, ни беше кажано дека иако е можеби најпријавуваното министерство против кое се донесени голем број мислења за дискриминирање на вработени пред се во областа на работата и на работните односи, сепак МВР е најревносно и предничи со исполнувањето на се она што ќе одлучи и ќе му наложи Комисијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира