До државниот санитарен и здравствен инспекторат стигнале над 1.000 пријави од здравстените домови дека родители одбиваат да ги вакцинираат децата. Над половина се од Скопје, а останатите од другите градови во земјава.
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат д-р Ирина Сотирова Бухова вели дека од пристигнатите податоци за Скопје каде над 500 родители одбиле да ги вакцинираат децата ја почнуваат постапката, односно ќе ги поканат да дојдат на порамнување, а во спротивно ќе им поднесат прекршочна пријава.
„Казните за невакцинирање се од 300 до 600 евра, но обично при порамнување се зема помалата казна и ако ја платат во рок од една недела таа е 150 евра. Но тоа не ги амнестира од обврската да ги вакцинираат децата и оваа казна се однесува само за една непримена вакцина“, вели Сотирова Бухова.
Во останатите градови во земјава, во подрачните единици на ДСЗИ веќе се испратени покани до родителите на порамнување. Во оваа бројка не влегуваат бројот на невакцинирани деца од Тетово, бидејќи здравствениот дом од овој град не доставил податоци до ДСЗИ.
„Разговаравме со нив, не знаеле како да постапат од аспект на заштита на податоци, им објаснивме и тоа наскоро ќе го направат“, вели Сотирова-Бухова, која додава дека очекува овој број да расте.
Од вкупно пристигнатите пријави дека родители одбиваат да ги вакцинираат децата, над деведесет отсто се на школска возраст, а најголем број се за вакцината МРп (морбили, рубеола, паротит).
Институтот за јавно здравје минатата недела излезе со податок дека епидемијата не стивнува и дека досега од мали сипаници заболеле над 1.745 лица и дека повеќето се невакцинирани или со непознат вакцинален статус. Според податоците од ИЈЗ од почетокот на епидемијата досега вакцинирани се над 28.000 деца, а меѓу невакцинираните поголем е бројот на оние од другите градови надвор од Скопје.
Епидемиолозите повикаа сите да се вакцинираат, бидејќи освен мали деца кои не подлежат на вакцинација, меѓу заболените имаше и возрасни и здравствени работници.
Е. БОЧВАРОСКА