НАД 10 ГОДИНИ НА 12.000 ОСИГУРЕНИЦИ НЕ ИМ БИЛЕ УПЛАЌАНИ ПАРИТЕ ВО ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ СТОЛБ, ДРЖАВАТА СЕГА ТРЕБА ДА ВРАТИ 19 МИЛИОНИ ЕВРА

    НАД 10 ГОДИНИ НА 12.000 ОСИГУРЕНИЦИ НЕ ИМ БИЛЕ УПЛАЌАНИ ПАРИТЕ ВО ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ СТОЛБ, ДРЖАВАТА СЕГА ТРЕБА ДА ВРАТИ 19 МИЛИОНИ ЕВРАМинистерката за труд и социјала Мила Царовска кажа дека сите документи што ги имаат за ова уште утре ќе ги испратат до Основното јавно обвинителство. (Фото: Влада)

    Придонесите за пензии во вториот столб за 12.000 осигуреници од 2006 до 2018 година воопшто не биле префрлани во пензиските друштва, туку парите останувале во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Ова денес го кажа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која рече дека оштетените се помлади лица, кои сега се на возраст од околу 40 години.

    Таа кажа дека сите документи што ги имаат за ова уште утре ќе ги испратат до Основното јавно обвинителство, кое треба да утврди одговорност за тоа како се случило ова, бидејќи во процесот одговорност покрај ПИОМ имаат и Агенцијата за вработување и МАПАС како регулаторно тело.

    „По направената финансиска анализа на пензискиот систем со меѓународните институции утврдивме скандалозна неправда, односно на 12.000 осигуреници или идни пензионери придонесите воопшто не биле префрлани кон вториот столб, иако од работодавачот средствата биле уплаќани. Парите останувале во пензискиот систем, односно во ПИОМ. Секој од овие граѓани со просечна плата во периодот меѓу 2006 и 2018 година изгубиле околу 400.000 денари вкупно“, рече Царовска.

    Таа рече дека со измените на законите направиле напори да им се вратат парите на овие граѓани и дека првите уплати ќе почнат од 29 јануари.

    „Обезбедивме 19 милиони евра во буџетот, не само да вратиме придонесите што требало да се уплаќаат во пензиските друштва, туку и претпоставениот принос што требало да го добијат за овие години. Тие ќе добијат писма од МАПАС дека се распоредени во пензиските друштва и дена на индивидуална сметка има се префрлени средствата кои ќе ги користат по пензионирањето. Најголем дел на задршки се направени меѓу 2009 и 2010 година“, рече Царовска.

    Според неа погрешните политики на претходната Влада, со ад хок зголемување на пензиите и со намалување на придонесите придонеле финансиската дупка во ПИОМ да порасне на 15 милијарди денари и пензискиот систем да биде нестабилен.

    „Направивме пакет закони за стабилизација на ПИОМ. Првите трансфери се случуваат уште во јануари и без замрзнување на пензиите и без зголемување на старосната граница за пензионирање пензискиот систем може да биде стабилен. Со тоа се грижиме и за идните и за сегашните пензионери“, рече Царовска.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира