НАД 20 ГОДИНИ НЕМА ПРОМЕНИ ВО ЗАКОНОТ ЗА СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА ЗА ПЕТТЕ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНИ ОБЈАВЕНИ ЗА ЈАВНА РАСПРАВА

    НАД 20 ГОДИНИ НЕМА ПРОМЕНИ ВО ЗАКОНОТ ЗА СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА ЗА ПЕТТЕ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНИ ОБЈАВЕНИ ЗА ЈАВНА РАСПРАВАСпоред министерката, промените во средното образование треба да се направат за модернизација на нашето општество и приближување кон ЕУ. (Фото: К. Попов)

    На владиниот ЕНЕР систем и на веб-страната на Министерството за образование и наука (МОН) се објавени Предлог-закони за основното, за средното, за средно-стручното образование, Законот за образование на возрасни и Законот за национална рамка за квалификации, а се очекува на гласање пред пратениците да се најдат во ноември, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Сугестии и предлози за надополнување/измена на законските решенија се доставуваат на електронската адреса [email protected], а можноста е отворена до крајот на месец септември.

    „Овие закони се веќе готови и се ставени на јавна расправа. Јавна расправа значи дека секој кој има забелешка може да ја даде за ние да ја разгледаме. Доколку сметаме дека е прифатливо се разбира дека ќе биде вклопено во законот. Пристапно е до сите чинители кои го сочинуваат образовниот систем – наставници, родители, повозрасни ученици, администрација. Искрено се надевам дека и нашите странски партнери кои се информирале и кои ни помагале во многу нешта ќе ги погледнат тие закони, ќе дадат свои сугестии. Откако ќе заврши јавната расправа треба да ги погледне собраниската Комисија за образование и наука, треба да помина на Влада и потоа одат во Парламент на гласање. Гласањето очекувам да биде во ноември“, рече Јаневска на доделувањето сертификати за комплетирано основно образование и за посетени обуки на повратници во државата, во рамки на реализацијата напроектот на УНДП „Јакнење на националните и локалните системи за поддршка и ефективна социо-економска интеграција на повратници во Западен Балкан“ во Прилеп.

    Министерката кажа дека законот за основно е приспособување на законите за средно и средно стручно образование. Закон за средно стручно образование досега немаше во државата, а е неопходен за да се дозаокружат процесите на учење преку работа и учење во дуални паралелки.

    „Исто така и закон за средно образование каде што знаете дека многу, многу долги години, повеќе од 20 години, немаме никакви промени, а треба да ги направиме во правец на модернизација на нашето општество и приближување кон ЕУ. Сѐ ќе се регулира во средното стручно образование. Дополнително ги регулираме прашањата околу инклузијата. На повик е ранливи групи вклучувајќи ги и децата со посебни потреби. Ги регулираме нивното присуство во образовниот систем, образовните асистенти и сѐ она што им е неопходно за да стекнат соодветно образование на нивните можности“, кажа Јаневска, додавајќи дека процесот за законот за високото образование ќе трае подолго време и нема да биде готов оваа година.

    „Законот за високото образование е голем и е обемен закон и е потребно подолго време. Ние почнавме да работиме, но во консултации со универзитетите, Интеруниверзитетската конференција, Националниот совет и очекуваме да го имаме во некоја посериозна драфт-верзија или како предлог по Нова Година“, рече министерката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира