НАД 21.000 ДЕЦА НЕМААТ ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ, ВЛАСТА ДА ИМ ОБЕЗБЕДИ БЕСПЛАТЕН ОБРОК НА СИТЕ УЧЕНИЦИ, АПЕЛИРА УНИЦЕФ

    НАД 21.000 ДЕЦА НЕМААТ ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ, ВЛАСТА ДА ИМ ОБЕЗБЕДИ БЕСПЛАТЕН ОБРОК НА СИТЕ УЧЕНИЦИ, АПЕЛИРА УНИЦЕФТрошоците за воншколски активности се само делумно покриени од Општините, па децата од посиромашните семејства не можат целосно да се вклучат во воншколските активности, како што се искуственото учење, уметноста и спортовите. (Фото: К. Попов)

    Над 21 илјада деца во Македонија немаат здравствено осигурување, а дури и осигурените деца од домаќинства со ниски примања не се ослободени од партиципација за амбулантни лекови и медицински производи, рече претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, на настан за спроведувањето на Европската детска гаранција во земјава. Според студија на УНИЦЕФ, 12 проценти од децата од 5 до 17-годишна возраст и 9 проценти од децата помлади од 5 години во Македонија се изложени на повеќедимензионална сиромаштија.

    Децата Роми се значително поранливи – барем секое трето дете од ромската заедница е изложено на повеќедимензионална сиромаштија, а во општата популација тоа е случај кај секое деветто дете.

    Ди Џовани кажа дека додека го изготвувале профилот на децата што се во најголем ризик, ги идентификувале и географски најранливите заедници во поглед на повеќедимензионална детска сиромаштија. Во два региона, Источниот и Југоисточниот, е најзастапена повеќедимензионалната сиромаштија, а Полошкиот и Скопскиот Регион се исто така исклучително ранливи.

    Децата кои се соочуваат со сиромаштија и/или исклучување се среќаваат со поголеми пречки во пристапување до услугите и добивање на потребната поддршка, бидејќи системите не се поставени за да им служат на овие деца – систематски да ги идентификуваат и децата и потребите, да ги исконтактираат, да ги поврзат со услугите од главните текови и да ги следат во целиот систем. Овие деца не го постигнуваат целосниот потенцијал.

    „Иако пристапот до основно образование е бесплатен во Македонија, власта допрва треба да обезбеди бесплатен оброк за сите ученици, и покрај заложбите за продолжување на траењето на секојдневните училишни активности на децата. Понатаму, трошоците за воншколски активности се само делумно покриени од Општините, па децата од посиромашните семејства не можат целосно да се вклучат во воншколските активности, како што се искуственото учење, уметноста и спортовите“, рече Ди Џовани.

    Според заклучните согледувања на Комитетот за правата на детето (КПД) за Македонија објавени во 2022, власта, вели УНИЦЕФ, треба и понатаму да ги зајакнува основните социјални услуги на локално ниво и да го приоритизира обезбедувањето социјални услуги според потребите на децата во ранливи ситуации, особено на децата Роми, децата-бегалци и децата-азиланти, и децата од семејства кои се соочуваат со сиромаштија, попреченост, социјална исклученост и стигма.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира