Над 300 претставки од вработени добил Државниот инспекторат за труд од Нова година навака, во врска со исплатата на К-15. Најголем дел од претставките се од работници на кои им престанал работниот однос, но го исполнуваат условот да биле во работен однос најмалку 6 месеци за да им биде исплатен регрес за годишен одмор, а сопствениците на фирмите каде работат тоа не го направиле.
„По сите овие претставки сè уште се работи, бидејќи според законските одредби, треба да ги предупредиме работодавачите ако не исплатиле К-15 тоа да го направат, па имаат рок за жалба на решението, кое е од 8 до 10 дена и ако тогаш не го испочитуваат им се одредува казна“, вели Злате Стојановски, раководител на сектор за работни односи при Државниот инспекторат за труд.
Тој вели дека од контролата на терен имало ситуации каде на вработените им бил исплаќан помал регрес, но дека законот го дозволува тоа.
„Дел од претставките се и од вработени во дејноста услуги, каде според Колективниот договор работодавачите немаат обврска да исплатат регрес, како што се приватни здравствени и образовни институции, социјални и комунални дејности. Вакво известување добивме од Организацијата на работодавачите“, вели Стојановски.
Тој вели дека претставките кои ги добиле се од разни дејности и од вработени во трговија и угостителство, но и од производствени капацитети.
„Писмена претставка дека на вработени им е исплатан регрес, а потоа сопственикот барал од нив да му ги вратат парите не сме добиле. Текстилните и чевларските фабрики ги контролираме по редовен план, независно од тоа дали има или не претставка. Генерално контролите на терен покажуваат дека повеќето исплаќаат“, вели Стојановски.
Е. БОЧВАРОСКА