Децата во Македонија се изложени на значително повисок ризик од сиромаштија од возрасните, при што 32 отсто живеат под националниот праг на сиромаштија, а 40 насто се соочуваат со мултидимензионална сиромаштија, стои во новиот извештај на УНИЦЕФ. Претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Лесли Милер, заедно со Министерството за социјална политика, демографија и млади денеска ги претстави резултатите од анализата, како и препораките за политики за пакет на услуги кои треба да се разгледаат како дел од Европската гаранција за децата во Македонија.
Предложениот пакет на услуги за гаранција за деца има за цел да обезбеди секое дете, особено најранливите, да има загарантиран пристап до здравствена заштита, образование, социјална заштита и грижа преку координирана, мултисекторска поддршка.
Според Националниот акциски план (2025-2029) за Гаранцијата за децата, се планираат до 3 милиони евра за воведување услуги фокусирани на децата. Модифицираните модели на услуги ќе бидат пилотирани во избрани општини за да се обезбедат податоци за нивно пошироко национално имплементирање.
„Еден од приоритетите на Планот е намалувањето на детската сиромаштија, вклучително и со воведување на Европската детска гаранција, како и зголемување од 15% на паричните додатоци наменети за децата“ изјави Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе ја предводи координацијата со другите владини институции за развивање на план за имплементација на Гаранцијата за деца.
Препораките за политиките се насочени кон најризичните категории деца, вклучувајќи ги децата Роми, децата со попреченост, децата без родителска грижа, децата во судир со законот и други. Пакетот вклучува повеќе услуги, како проширена парична помош, зголемен пристап до предучилишно образование, инклузивно образование, универзален пристап до здравствена заштита, бесплатни оброци во училиштата и други услуги.
„Децата кои растат во сиромаштија имаат поголема веројатност да останат сиромашни и како возрасни, продолжувајќи го циклусот на нееднаквост. Гаранцијата за децата се покажува дека е докажан механизам за борба против овие алармантни трендови и обезбедува да не биде запоставено ниту едно дете“, рече Милер.