НАД 60 ОТСТО ОД ЖЕНИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ СООЧИЛЕ СО ОНЛАЈН НАСИЛСТВО, ВЕЛИ АНКЕТА НА УНДП

    НАД 60 ОТСТО ОД ЖЕНИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ СООЧИЛЕ СО ОНЛАЈН НАСИЛСТВО, ВЕЛИ АНКЕТА НА УНДПОнлајн родово базираното насилство е секоја форма на демнење, вознемирување, закани, родово-базиран говор на омраза, споделување интимни содржини без дозвола. (Фото: Принтскрин од видео)

    Повеќе од 60 отсто од жените во Македонија најмалку еднаш се соочиле со онлајн насилство, додека една од десет жени е жртва на злоупотреби на интернет секој ден, покажа анкетата што ја спроведе Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во која учествуваа 311 испитанички.

    Автентичните сведошта на три девојки и жени од оваа анкета се објавени во три видеа кои се дел од кампањата „И онлајн насилството остава лузни“. Девојките и жените се соочиле со онлајн закани, уцени, вознемирувања и со објавување интимни содржини на интернет без согласност. Во видеата биле ангажирани три млади актерки кои ги пренесоа стравот и траумите со кои се соочиле жртвите.

    „Кампањата е со цел да се зголеми свесноста за присуството на овој вид насилство и да се информираат жртвите како да го препознаат и пријават насилството. Преку видеата се доловуваат насилството, траумите и стравот со кои се соочуваат жртвите на насилство на интернет и се охрабруваат и информираат како да го пријават случајот во полиција“, велат од УНДП.

    „Многу ми е страв! Тој ми се закани дека ќе објави фотографии од мене како се туширам и сум гола на Фејсбук, без моја согласност“.

    „Ме демнеше маж на социјалните мрежи преку лажни профили и ми ги следеше активностите на интернет. Ме уценуваше да се омажам со него за да запрат демнењето и вознемирувањето. Ми се закани и дека ќе ме убие“.

    „Имам 17 години. Група малолетни машки лица сексуално ме вознемируваше и снимката од тоа ја објави на интернет“.

    Онлајн родово-базирано насилство е секоја форма на демнење, вознемирување, закани, родово-базиран говор на омраза и споделување интимни содржини без дозвола и во најголема мера е насочено кон жените и девојките. Овој тип насилство може да се пријави во полициска станица или на електронската адреса [email protected].

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира