НАД ПОЛОВИНА ОД СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА НЕМААТ ПРИСТАПНА РАМПА ЗА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, ВЕЛИ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ

    НАД ПОЛОВИНА ОД СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА НЕМААТ ПРИСТАПНА РАМПА ЗА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, ВЕЛИ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛСпоред истражувањето кое го спроведе канцеларијата на Народниот правобранител во моментов 246 ученици со попреченост одат во средно училиште, или во просек 2,79 ученици по училиште. - Омбудсманот Иџет Мемети на денешната презентација на извештајот

    Шест години по ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост во многу сфери не се видливи значителни промени за децата и лицата со попреченост, кои би го подобриле нивниот живот, местото во општеството, но и односот кон лицата со попреченост, кажа денес Народниот правобранител Иџет Мемети на презентацијата на истражувањето за вклученост на децата и младите со попреченост во редовно средно образование.

    „За жал и денес секојдневието на лицата со попреченост е во постојано докажување на нивните способности, исполнето со препреки во движење, препреки во комуникација со другите, препреки во пристапот и користењето на услугите, во прифаќањето и разбирањето на попреченоста, а за што другите и не размислуваат. И покрај тоа што во правната регулатива се нагласува предноста и значењето на инклузивниот пристап во образовниот процес за лицата со попреченост, имплементацијата на инклузијата се покажа како лизгав терен за образованите установи, кое впрочем го потврдува и ова истражување. Образованието, такво како што е во моментот повеќе е обид за интеграција отколку инклузија на децата со попреченост, а законите кои ја уредуваат оваа материја не ја препознаваат попреченоста како основ за дискриминација“, рече Мемети.

    Според истражувањето кое го спроведе канцеларијата на Народниот правобранител во моментов 246 ученици со попреченост одат во средно училиште, или во просек 2,79 ученици по училиште.

    Речиси половина од средните училишта немаат пристапна влезна рампа на влезот, а дел од поставените рампи во посетените училишта не се направени според стандардите. Осум училишта, кои имаат ученици со попреченост се потполно физички непристапни, а пристапни тоалети има во 13 отсто од училиштата. Внатрешен лифт за движење меѓу спратовите има само во 2 училишта. Според истражувањето над 70 отсто од наставниот кадар има потреба од унапредување на знаењата за работа со ученици со попреченост.

    Осум училишта или 15,4 отсто, во кои учат ученици со попреченост, немаат инклузивен тим за унапредување на работата со ученици со попреченост, а повеќе од половина од вкупниот број средни училишта нема вработено дефектолог. Од училиштата кои пријавиле ученици со попреченост дури 21 или 40 отсто дале негативен одговор. Тринаесет училишта или 14 отсто одговориле дека не се изработуваат индивидуални образовни планови, а осум училишта од оние кои запишуваат ученици со попреченост не изработуваат и не спроведуваат вакви планови.

    „Постои пракса на формално исполнување на обврската. Во ниту еден случај или пример не е забележано учеството на ученикот во изработката на индивидуалниот образовен план . Не постои официјално упатство, прирачник, насоки за оценување на учениците. Осум училишта кои имаат ученици со попреченост не ги прилагодуваат тестовите“, стои во истражувањето на Народниот правобранител.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира