НАЈДЕН ТЕЛЕФОН ВО ЗАТВОРСКАТА СОБА НА ОБВИНЕТИОТ ЕКСДИРЕКТОР НА ЗЕМЈОДЕЛСКИОТ ИНСПЕКТОРАТ АНАКИЕВ, НА СУДЕЊЕТО СВЕДОЧЕШЕ ИНСПЕКТОРКА КАКО Ѝ ПРАВЕЛЕ ПРИТИСОЦИ ДА ВРАЌА КАМИОНИ НА ГРАНИЦА

    НАЈДЕН ТЕЛЕФОН ВО ЗАТВОРСКАТА СОБА НА ОБВИНЕТИОТ ЕКСДИРЕКТОР НА ЗЕМЈОДЕЛСКИОТ ИНСПЕКТОРАТ АНАКИЕВ, НА СУДЕЊЕТО СВЕДОЧЕШЕ ИНСПЕКТОРКА КАКО Ѝ ПРАВЕЛЕ ПРИТИСОЦИ ДА ВРАЌА КАМИОНИ НА ГРАНИЦАДенеска на предлог на обвинителството, сведочеа инспекторката Даниела Кржовска и Горанчо Стаменковски, шпедитерот кој му ја носел ташната со пари на обвинетиот Анакиев. (Фото: СДК.МК)

    Основниот кривичен суд Скопје добил известување од затворот во Шутка дека во собата на обвинетиот директор на Инспекторатот за земјоделие Васе Анакиев, кој се товари за примање поткуп за да пушти на граница камиони со вештачко ѓубриво на фирма од Делчево, бил најден мобилен телефон.

    „Не е мој, на собата е. Така заведе контролата. Јас имам уште два цимера и апаратот не е мој”, негираше обвинетиот ексдиректор на почетокот на денешното судско рочиште.

    „Сè нешто не е ваше, сè погрешно сте вие протолкувани. Да не лаже затвор ‘Скопје’ случајно?”, праша обвинителката Искра Хаџивасилева.

    „Ве молам за тишина, и јас го добив известувањето дека е најден мобилен телефон. Да ве потсетам дека има начин да се утврди чиј е телефонот и со кого е разговарано, т.е. чиј е најдениот апарат”, рече судијата Иле Трпков.

    Денеска на предлог на обвинителството, сведочеа инспекторката Даниела Кржовска и Горанчо Стаменковски, шпедитерот кој му ја носел ташната со пари на обвинетиот Анакиев.

    Кржовска работи во Државниот инспекторат за земјоделие како фитосанитарна инспекторка на граничен премин Делчево. Нејзин претпоставен бил обвинетиот Васе Анакиев.

    Во врска со запреното вештачко ѓубриво на фирмата „Манов”, која го пријави директорот на Инспекторатот Васе Анакиев дека ѝ бара поткуп од 100.000 евра на две рати за да му ги пушти камионите на граница да влезат како увоз во Македонија, таа даде хронологија на настаните.

    „На втори март имав слободен ден. Ми се јави колешка и ми рече директорот Анакиев ме бара на граничен премин, сакал да се види со мене и со колешката Весна во 14 часот. Не знаев зошто ме бара. Отидов и останав да се тресам таму до 19 часот, доцнеа 5 часа. Тогаш дојде директорот, раководителката Маја Петрушева, Трошански и Чурлинов. Откај нас бевме јас, Велиновска, Кржовска. Раководителката почна недолично да вика по нас двете дека не сме работеле правилно, камионите не сме ги внесувале во системот. Јас се спротивставив. Трошански ни ги побара последните три предмети што ги имавме. Викањето беше многу непријатно, раководителката се закануваше, бевме изненадени зошто неправилно нè обвинуваат. Предметите беа однесени во Скопје и вратени без да добиеме дисциплинска постапка, зашто бевме во право”, сведочеше Кржовска.

    Следниот ден таа видела пропуштен повик од раководителката Маја.

    „Колешката Весна ми рече дека и неа ѝ се јавила раководителката. Ѝ кажала дека треба да ги враќаат камионите по член 19 од законот. Колешката била многу вознемирена, па запишувала на месинџер. Ѝ реков да ми препрати што запишала. Силно се вознемирив зашто не се согласував со тезата на мојата раководителка дека треба да ги враќаме камионите. Рефусно вештачко ѓубре со години се увезува, никој не вратил камион и никаде во законот нема забрана за увоз, освен за амониум нитрат. Се консултирав со сите што ги знам, никој од колегите не се согласуваше дека е забрането ѓубре во рефусна состојба. Од друга страна си реков ако мислат раководителката и шефот дека се во право, требаше да ни пратат таков мејл, а не пратија. Добив тахикардија и покачен крвен притисок и од петти до 23 март 2026 година бев на боледување”, кажа инспекторката Даниела.

    На прашање на адвокатот Еленко Миланов таа рече директорот не ѝ викал. Сведокот дополни дека Маја им е претпоставена и комуникацијата со директорот оди преку неа.

    „Дали откако ви ги вратија предметите, ви испратија мејл?”, праша адвокатот.

    „Не беше мејлот за ѓубре уреа, туку за ѓубре во рефусна состојба. Јас бев на боледување. Тој мејл беше со задолжување, ‘се задолжуваат ….’ и уште е на сила, иако и законот е на сила”, рече сведокот – инспекторка.

    „Кој е потпишан на тој мејл?”, ја допраша адвокатот.

    „Директорот Анакиев и раководителите Петрушева и Трошански”, кажа таа.

    „Не е можно така да се пуштат камиони како што тврдеше раководителката Маја. Нејзината теорија беше бесмислена. Штом влезат камионите, ние мора да постапиме. И не знам зошто сите дојдоа”, се вознемири пак сведокот – инспекторка за целиот направен спин според обвинителството.

    Анакиев е обвинет за кривично дело примање поткуп, во случајов првата половина од 100-те илјади евра, кои ги побарал од увозниците „Манов” на две рати, за да им ги пушти камионите на граница.

    На ред е да сведочи шпедитерот Стаменковски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира