Локалните избори во 2025 година се избори со најниска излезност на гласачите од независноста на државата, при што за првпат одѕивот беше под 50 отсто и во двата изборни круга. Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), во првиот круг на гласање излегле 48,30% од граѓаните, додека во вториот кругот излезноста падна на 41,24%. Овој тренд на опаѓање е континуиран, ако се спореди со излезноста од 67% во првиот круг во 2013 година, 60% во 2017 и 50,57% во 2021 година.
Во вториот круг од овие избори, најголем одѕив е забележан во Росоман (79,68%) и Лозово (77,85%), додека најмал во Куманово (35,70%) и Шуто Оризари (32,03%). За градоначалник на Град Скопје гласале само 35,33% од избирачите. Поради тоа што не беше исполнет законскиот цензус за излезност од најмалку една третина, гласањето ќе се повтори во четири општини: Гостивар, Центар Жупа, Маврово и Ростуше и Врапчиште.
Според резултатите од двата круга, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најуспешна, освојувајќи градоначалнички места во Град Скопје и во уште 54 општини. Втора според бројот на освоени градоначалници е коалицијата ВРЕДИ со победа во девет општини. Коалицијата предводена од СДСМ ќе има шест градоначалници, додека коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, освои четири градоначалнички позиции. По еден градоначалник ќе имаат Движењето ЗНАМ и Унијата на Ромите, а една општина ќе биде водена од независен кандидат.
На овие избори, од вкупно 309 кандидати за градоначалници, само 32 беа жени (10,35%), а победија само четири. Единствена победничка во првиот круг беше Бети Стаменкоска Трајкоска (ВМРО-ДПМНЕ) во Кисела Вода. Во вториот круг беа избрани Соња Стаменкова (СДСМ) во Македонска Каменица, Марија Нацева (ВМРО-ДПМНЕ) во Неготино и Наталија Димитриева (ВМРО-ДПМНЕ) во Демир Капија.
Изборниот процес го одбележа и голем број неважечки ливчиња. Во првиот круг имаше 53.724, од кои 12.359 во Скопје, додека во вториот круг беа регистрирани 19.287 неважечки ливчиња, од кои дури 10.528 беа за избор на градоначалник на Скопје.



