Народна банка одлучи да ја зголеми каматната стапка од 1,5 на 1,75 отсто на вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, соопшти Народна банка. Каматната стапка беше покачена и минатиот месец, но од Народна банка велат дека месецов донеле одлука за дополнително зголемување како превентивен одговор на нагорните движења кај инфлациските очекувања. Ваквото затегнување на монетарната политика доаѓа по оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни.
„При донесувањето на ваквата одлука, беа земени предвид најновите движења кај инфлацијата, којашто и во април забрза, како и влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања. Одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика се заснова врз оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни, што создава одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и делува врз инфлациските очекувања. Оттука е и потребата од монетарна реакција, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за домашната побарувачка“, велат од Народна банка.
Според најновите податоци на Народна банка, инфлацијата во април 2022 година забрза и достигна годишна стапка од 10,5%, и оттаму велат дека оваа година инфлацијата ќе биде повисока од очекувањата според последните проекции.
„Движењата кај домашната инфлација се во согласност и со глобалната инфлација, вклучително и со инфлацијата во регионот на Централна и Југоисточна Европа, каде што просечната инфлација за април е околу 11%. Главните фактори за поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, пред сѐ цените на храната и енергијата, поради растот на цените на примарните производи на светските берзи. Овие преносни ефекти се видливи особено кај економиите како нашата, каде што голем дел од потрошувачката е увозна и каде што учеството на храната и енергијата во потрошувачката кошничка е високо. Имајќи предвид дека храната и енергијата се влезна компонента кај повеќе други производи и услуги, растот на цените станува пошироко распространет. Оттука, поголема динамика се забележува и кај движењето на базичната инфлација. Тековните оцени и натаму упатуваат на отсуство на поизразени притисоци од побарувачката врз цените, а со воениот конфликт во Украина се нагласуваат надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период. Сепак, неопходни се претпазливи домашни политики коишто нема да предизвикаат дополнителни притисоци и од страната на потрошувачката“, објаснуваат од Народна банка.