НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ БАРА ВРЕМЕНО ДА ЗАПРЕ ИСЕЛУВАЊЕТО НА РОМИТЕ ОД ВИЗБЕГОВО ШТО ЗАРАБОТУВААТ ОД ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА И ОД СТАРО ЖЕЛЕЗО

    НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ БАРА ВРЕМЕНО ДА ЗАПРЕ ИСЕЛУВАЊЕТО НА РОМИТЕ ОД ВИЗБЕГОВО ШТО ЗАРАБОТУВААТ ОД ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА И ОД СТАРО ЖЕЛЕЗОЕдниот татко од седумте фамилии, едвај вработен на определено време, само за да го спаси покривот над главата, си дал отказ, го раскинал договорот и се откажал од платата од 200 евра. (Фото:СДК.МК)

    Народниот правобранител Насер Зибери побара од Министерството за труд и социјална политика да изрече времена мерка за иселувањето на седумте ромски семејства од куќичките-контејнери во Визбегово, кои од денеска требаше да си заминат оттаму без алтернативен покрив над главите.

    Законски, МТСП има рок од 3 дена да одговори и да го достави решението кај Омбудсманот, за да може правно да се обжали, ако е потребно.

    Овие седум семејства заедно со останатите во кампот, во Визбегово дојдоа во 2018 година, од под ѕидините на тврдината Кале. Таму тие со години живееја под отворено небо, и како што самите велат, смрзнати, наврнати, изгорени од сонце, без вода и струја, загадувајќи ја животната средина со палење гуми, ѓубре, мебел и што им се нашло, за да се стоплат, за нешто да зготват, да заперат на рака.

    Екипа на САКАМДАКАЖАМ.МК беше пред три дена во прифатниот центар кај седумте семејства пикирани да се иселат од денеска, први април. Хелсиншкиот комитет за човекови права кој алармираше за состојбата, а сега и Народниот правобранител, реагираат што државата ги вади од привремените живеалишта, кога притоа нема обезбедено алтернативни живеалишта. Нема никаков план за нив.

    Причината што оттаму ги иселуваат овие многудетни семејства, се приходите кои тие почнале да ги остваруваат – кој од собирање пластични шишиња и од други суровини што ги собираат по контејнери, кој со хонорарни или со работни ангажмани за хонорари од по околу 10 илјади денари. Притоа, никое од тие семејства, со тие „дебели“ хонорари, не е под 6 деца.

    Уште подобро, сите се евидентирани, имаат извод на родени, одат на училиште во Визбегово.

    „Според податоците од теренската посета вчера на 31 март, Народниот правобранител утврди дека семејствата во моментот остваруваат право на здравствена заштита, децата се вклучени во образовен процес во населба Визбегово, поседуваат документи за лична идентификација и само две деца не се евидентирани во матичната евиденција. Повеќето од нив живеат со средства добиени по основ на права од социјална заштита, и само едно семејство во моментот има вработено лице со договор на дело. Пред добивање на информацијата за одлуката за нивно иселување и член од друго семејство бил работно ангажиран, но поради стравување дека им се ризикува правото на домување поради приходите кои ги заработуваат ја напуштил работата. Народниот правобранител со крајна загриженост ги прими овие сознанија, поради што смета дека со одлуката за иселување на ромските семејства од бараките во Визбегово се врши повреда на нивните човекови права и се постапува спротивно од уставното начело на хуманизам и социјална правда кои заедно со основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на државата. Според Народниот правобранител, треба да се има предвид дека постојното живеалиште (бараките во Визбегово) во моментот е единствено обезбедено живеалиште за овие лица, односно дека не им се понудени други алтернативни издржани решенија, ниту пак е трајно решен проблемот со домувањето“, вели Васка Бајрамовска – Мустафа, заменик-народен правобранител.

    Единствениот одговор што го добивме од Министерството за труд и социјална политика е дека и натаму ќе ги поддржува овие семејства и нема да дозволи прекин на наставата на децата на семејствата кои ќе мора да го напуштат центарот во Визбегово.

    „Министерството преку Центарот за социјални работи на град Скопје ја следи состојбата со семејствата и заедно со граѓанските ромски организации ангажирани за поддршка на овие семејства сместени во Визбегово ќе продолжат да ја обезбедуваат поддршката на овие семејства и по напуштање на центарот. Според последните податоци сите деца се запишани во училиште, и користат организиран превоз од Центарот за социјални работи. Во текот на утрешниот ден ЦСР ќе стапи во комуникација со сите директори на училиштата каде децата посетуваат настава со цел да продолжи образовниот процес непречено”, ветува МТСП.

    Но, не дава одговор каде ќе одат овие семејства.

    „Лицата кои се сместени во Визбегово се сместени во привремени сместувачки капацитети, кои служат за времено згрижување, а не трајно домување и се користат во услови на социјален ризик и со престанувањето на овој основ , престанува и условот за сместување”, велат од Министерството за труд и социјална политика.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира