Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свеченоста по повод 5-годишнината од приемот на државата во НАТО, организирана во касарната „Илинден“ во Скопје.
Во обраќањето, претседателката Сиљановска-Давкова кажа дека одбележувањето на петтата годишнина од членството во НАТО се случува во сенка на трагичниот настан во Кочани, кој нѐ потсети на клучната улога на безбедноста на граѓаните како една од основните задачи на државата.
Таа ја нагласи успешната борба за животите на повредените во несреќата, која, според неа, не би била можна без хуманоста и солидарноста на државите, народите и граѓаните од регионот и пошироко, како и помошта од европскиот систем за цивилна заштита и НАТО, за што изрази благодарност.
Претседателката потсети дека членството во НАТО, заедно со членството во Европската Унија, е стратешка определба на земјата уште од почетоците на нејзината самостојност. Таа додаде дека за остварување на оваа цел биле вложени големи напори и направени значајни отстапки и компромиси.
Сиљановска-Давкова рече и дека воените и цивилни припадници на Армијата, кои преку реформи, воени вежби и мировни мисии стекнале искуство и ја заслужиле почитта од сојузниците.
„Како врховна командантка на вооружените сили, се гордеам со нашата Армија, како важен и докажан актер во НАТО“, рече претседателката.
Таа кажа дека државата мора да продолжи да инвестира во одбраната и безбедноста и да придонесува за мирот преку учество во мировните мисии на НАТО и Обединетите нации.