Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека наскоро ќе бидат предложени нови имиња за функциите кои досега ги извршуваа кадри на Алијансата за Албанците, предводена од Арбен Таравари, откако оваа партија одлучи да ја напушти владината коалиција.
„На редовниот Извршен комитет синоќа разговаравме за актуелната економска и политичка состојба во државата. Очекувам до крајот на месецот да излезам пред членовите на ИК со предлози за кандидати за градоначалници, а потоа тоа ќе оди на Централен комитет. Членовите на ИК ме овластија во периодот што следи да номинираме нови имиња кои ќе ги заменат оние кои одлучија да одат во прегратките на Али Ахмети и на ДУИ, односно од партијата на Арбен Таравари“, рече Мицкоски по поставувањето камен-темелник на училишна спортска сала во село Долно Лисиче.
Во врска со тоа дали ресорите што ги напушти Таравари ќе останат во коалицијата „Вреди“ или ќе бидат поделени, Мицкоски кажа дека многу работи ќе бидат појасни во наредниот период и изрази уверување дека ќе се постигне договор.
Во понеделникот вечерта, Арбен Таравари соопшти дека Алијансата за Албанците ја напушта владината коалиција и преминува во опозиција. Според него, одлуката била донесена едногласно на состанокот на партиските функционери и претседателите на ограноците. Таравари изјави дека се горди на промената во албанскиот политички блок која ја направиле после две децении, но оцени дека промените не биле доволни и најави уште една средба со премиерот Мицкоски.