Општините се надлежни за училиштата и тие може да донесат одлука за забрана на мобилни телефони за време на наставата, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
На презентацијата на мобилна апликација која ја разви Министерството за образование и наука (МОН), одговарајќи на прашање дали МОН може да донесе општоважечка одлука, откако родители бараат без телефони за време на часовите да бидат учениците во сите училишта, вклучително и во средните, таа рече: „Согласна сум дека кога кај учениците нема мобилни телефони повеќе ќе се фокусираат на знаењето. Но, училиштата се под ингеренции на општините и општините заедно со менаџерите на училиштата заеднички ја носат таа одлука“.
Советите на општините Аеродром и Центар донесоа препораки да се забрани користење на мобилните телефони од почеток до крај на наставата, со цел зголемување на безбедноста на учениците и подобрување на образовниот процес. Препораките се прифатени од училишните одбори и мобилните телефони од неодамна се забранети за учениците од училиштата во овие општини.
Според министерката, треба да се види дали дава резултати одземањето на телефоните од учениците и да се направи анализа.
„Но, секако, во ова денешно време може да има и потреба од употреба на такви уреди и при наставата. Па, оттука, наставникот, кој е носител на образовната дејност во училницата, ќе одлучи дали децата во тој момент ќе ги користат или нема да ги користат телефоните“, рече Јаневска.
Во однос на апликацијата, министерката рече дека овозможува увид во распоредот и содржината на часовите на учениците, во редовноста на настава – оправдани и неоправдани изостаноци, зададените домашни задачи, добиените оценки и издадените свидетелства.
„Апликацијата може да се симне на ednevnik.edu.mk или преку банер поставен на веб-страната на министерството и да се инсталира на било кој паметен уред, мобилен телефон или таблет, независно од типот на оперативниот систем. Едноставна е за користење и преку најава и автентикација со истото корисничко име и лозинка кои во моментов ги користат за пристап до електронскиот дневник, над 200 илјади родители и старатели, колку што се регистрирани досега, во секое време можат да имаат брз пристап до информации за образовниот процес на нивните деца“, рече Јаневска.