НАУМЧЕ МОЈСОВСКИ И УШТЕ 11 ЛИЦА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА МЛАДИ И СПОРТ И ОД МОК, ОБВИНЕТИ ЗА ПРОНЕВЕРА НА НАД 5 МИЛИОНИ ЕВРА СО СПОРТСКИТЕ ВАУЧЕРИ

    НАУМЧЕ МОЈСОВСКИ И УШТЕ 11 ЛИЦА ОД АГЕНЦИЈАТА ЗА МЛАДИ И СПОРТ И ОД МОК, ОБВИНЕТИ ЗА ПРОНЕВЕРА НА НАД 5 МИЛИОНИ ЕВРА СО СПОРТСКИТЕ ВАУЧЕРИОбвинителниот предлог произлезе по истрагата иницирана од Антикорупциската комисија. (Фото: СДК.МК)

    По иницијатива на Антикорупциската комисија од претходниот состав, Скопското обвинителство поднесе обвинителен предлог до Кривичниот суд Скопје против 12 лица од Агенцијата за млади и спорт, неофицијално на чело со Наумче Мојсовски, но и против лица од Македонскиот олимписки комитет, за злоупотреба на службената положба и за Несовесно работење.

    Штетата на Буџетот, за која Обвинителството обезбедило докази, неофицијално, засега е околу 5 милиони евра.

    „За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје доставен е предлог за определување мерки на претпазливост“, соопшти кратко ОЈО Скопје.

    Се претпоставува дека меѓу обвинетите се и членовите на Централната комисија на Агенцијата за млади и спорт.

    На трети февруари ДКСК соопшти дека се сомнева оти претседателот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на пари, со што го оштетиле Буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.

    Антикорупциска рече ќе достави и иницијатива до Владата за утврдување одговорност кај нив, а до Управата за јавни приходи (УЈП) ќе иницира да изврши надзор на сите спортски објекти од аспект на користење на средствата што им се доделени по пат на ваучер-системот во периодот од 2020, 2021 и 2022 година.

    Според анализите на ДКСК, годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, кои се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства.

    ДКСК тогаш кажа дека не е против доделување средства на клубовите, туку нивно доделување според праведен систем и без фаворизирање.

    Комисијата исто така укажа и на тоа дека поради законските измени од јануари 2023 година, членовите на Централната комисија на Агенцијата за млади и спорт се именуваат по предлог на Владата, без утврдени критериуми за нивниот избор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира