Обинителките Ирена Атанасовска од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола, Нина Димитриевска од ОЈО Тетово и Татјана Кацарова од ОЈО Штип се назначени да постапуваат за предмети поврзани со безбедноста на новинарите.
Основното јавно обвинителство во соработка со Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) по повод 2 ноември, Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата врз новинарите назначи нови три посебни јавни обвинители за тетовското, битолското и штипското апелационо подрачје.
Во Основното јавно обинителство Скопје за случаи поврзани со безбедноста на новинарите претходно беше назначена обвинителката Искра Хаџи Василева која вели дека ова преставува чекор напред во оваа борба и заложба која обвинителството ја покажува кога станува збор за заштита на новинарите.
Со измените во Кривичниот законик нападите врз новинарите се третираат како напад врз службено лице, за што следува и затворска казна.
„Новинарите се соочуваат со низа предизвици, вклучувајќи физичко насилство, вознемирување, закани и правни дејствија, а сето тоа може да доведе до самоцензура и пад на истражувачкото новинарство. Да се потсетиме на неправдата сторена кон нас, заборавените и нерешни судски случаи, СЛАП тужбите кои се поприсутни. Сите нерешени напади кон новинарите на 27 април, прислушувањето на новинари, годината започна со јавно омаловажување и потценување на новинарите од страна на политичарите… Листата на нерешени случаи е голема, но нашите барања и очекувања се уште поголеми“, рече Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.
Ж.ЗДРАВКОВСКА