НЕ Е ЕТИЧКИ ЦЕНАТА НА ХРАНАТА НА БЕРЗИТЕ ВО ЕУ ДА Е ЗГОЛЕМЕНА ЗА 11%, А КАЈ НАС ЗА 46%, ВЕЛИ БИТИЌИ

    НЕ Е ЕТИЧКИ ЦЕНАТА НА ХРАНАТА НА БЕРЗИТЕ ВО ЕУ ДА Е ЗГОЛЕМЕНА ЗА 11%, А КАЈ НАС ЗА 46%, ВЕЛИ БИТИЌИБитиќи вели дека во кризно време компаниите не треба да бидат една од причините за кризата да биде уште поголема. (Фото: СДК.МК)

    Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека прават обиди да докажат дека има договарање за цените во неколку сектори, а најголемите проблеми се со прехранбените производи. Тој кажа дека цените на светските берзи заради инфлацијата се зголемени за една четвртина помалку отколку во земјава и според него, нешто се случува.

    „Ако храната на берзанските цени во ЕУ е зголемена за 11 отсто, овде е зголемена за 46 отсто. Тоа не е етички“, рече Битиќи денеска, одговарајќи на новинарско прашање на Регионалниот форум за социјално претприемништво во организација на Регионалната канцеларија за младинска соработка – РИКО.

    „Ние ги пробавме сите опции за цените на производите. Доаѓам од бизнис секторот кој работи за профит, но покрај профит постои и етика и морал. Затоа вчера отидов во Комисијата за заштита на конкурентноста и разговарав со нив за да покренат иницијативи во неколку сектори за да видат дали евентуално може да докажеме дека има договарање за тоа што се случува со цените“, додаде вицепремиерот.

    Битиќи вели дека мора да се зајакнат инспекциските служби со професионалци што ќе бидат цело време на терен и ќе го следат однесувањето во компаниите, банките и во сите сегменти на општеството.

    „Со зајакнувањето на капацитетите на Комисијата за заштита на конкурентноста и на сите други инспекциски служби ќе се обидеме да ставиме ред и на тој начин да ги задржиме младите во земјава“, вели Битиќи.

    Тој вели дека во кризно време компаниите не треба да бидат една од причините за кризата да биде уште поголема.

    „Неетичкото однесување носи до поголеми последици кои можеби веднаш нема да ги видиме, но утре веќе ќе биде доцна“, рече Битиќи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира