Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, по неправосилната затворска казна од 6 години што судијата Добрила Кацарска штотуку ја изрече против Гордана Јанкулоска, не побара веднаш притвор за осудената ексминистерка.
„Со оглед на висината на ефективната казна затвор и тежината не кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањата, се зголемува опасноста од нејзино бегство. Но, со оглед на нејзината семејна ситуација и роденото бебе кое не е воопшто виновно за ситуацијата која се довел родителот, Обвинителството нема во нејзиниот случај да бара притвор. Предлагам да се зајакне мерката одземање на пасошот и редовно јавување во судот со мерка забрана за напуштање на живеалиштето и престојувалиштето“, предложи Фетаи.
Оваа предлог-мерка не е куќен притвор. Судот го прифати предлогот на Фетаи, што значи дека Јанкулоска нема да смее да го напушти Скопје.
Одбраната, согласно нејзиното беспрекорно поведение во сите постапки што се водат против Јанкулоска, побара мерката да не се прифати. Но, се заблагодари и на Фетаи што ја истакнала хуманата димензија во случајот, мајчинството на Јанкулоска.
Јанкулоска се породи на 28 јуни, а поради бременоста, нејзината постапка во предметот на СЈО „Тенк“ беше раздвоена. За истиот случај, Никола Груевски е правосилно осуден на две години затвор, а Ѓоко Поповски на 4,5 години затвор.
С. К. ДЕЛЕВСКА