Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека ќе бидат разгледани сите предлози на ВМРО-ДПМНЕ во врска со енергетската криза, по нивната денешна средба во Владата. Тој вели дека сега не е време за прибирање политички поени, туку за заедничка работа за пребродување на енергетската криза и додаде дека средбата поминала во добар дух.
На прес-конференција по средбата, премиерот рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави до Владата своите контакти за набавка на поевтини енергенси, за што конкретно ќе биде задолжен министерот за економија Крешник Бектеши, кој потоа ќе ги исконтактира посочените субјекти за да се утврди дали нивните понуди ги задоволуваат потребните критериуми.
„Не е време за прибирање политички поени, туку за заедничка работа за пребродување на енергетската криза. Владата со сиот свој капацитет прави сè што е во наша моќ за да може да обезбедиме се она што е потребно за што полесно пребродување на оваа најтешка зима што ја видел европскиот континент после Втората светска војна“, рече Ковачевски.
Ковачевски рече и дека ЕСМ произведува доволно електрична енергија за потребите на регулираниот пазар и од јуни воопшто нема увезено електрична енергија за таа потреба.