Не ја исклучуваме можноста за средба меѓу претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски, но потребно е да се знае за што ќе се разговара и што би бил резултатот од средбата, кажа денеска портпаролот на Кремљ Димитри Песков.
„Неколку пати кажавме дека никој не ја исклучува можноста за средба меѓу Владимир Путин и претседателот Зеленски. Но, треба да знаеме што би требало да биде резултат од оваа средба и за што ќе се разговара“, изјави Песков за руската агенција „Интерфакс“ во врска со изјавата на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Песков додаде дека средбата во моментов не е поддржана од никакви услови и дека поради тоа, рано е да се зборува за подготвеност од руската страна.
Претходно денеска, Чавушоглу рече дека за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, Путин рекол дека не е против средба со Зеленски.
На 12 март, украинскиот лидер кажа дека е подготвен за преговори со Путин и го предложи Ерусалем за место за одржување на средбата.
Денеска е 18. ден од руската инвазија на Украина.