НЕ МОЖЕ МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ДА СЕ АДМИНИСТРАТИВЕН ПРОПУСТ И ДА СЕ МЕНУВААТ ЗАКОНИ ВО ЗДРАВСТВОТО БЕЗ НАС, РЕАГИРА ЗДРУЖЕНИЕТО „ЗА НАС“

    НЕ МОЖЕ МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ ДА СЕ АДМИНИСТРАТИВЕН ПРОПУСТ И ДА СЕ МЕНУВААТ ЗАКОНИ ВО ЗДРАВСТВОТО БЕЗ НАС, РЕАГИРА ЗДРУЖЕНИЕТО „ЗА НАС“Од Конгресот во Струга на Унијата на здруженијата на медицинските сестри. (Фото: Фејсбук страна на „За нас“)

    Македонија е единствената земја во регионот каде нема закон за медицинските сестри, а кога немате закон немате лиценца и немате одговорност, нема основа на што да се одговара, рече денеска претседателката на Унијата на здруженијата на медицинските сестри, акушерки, стоматолошки сестри предводени од Здружението „За нас“. Бешлиоска реагираше дека медицинските сестри не се вклучени во донесувањето на законите, а ги дале предлозите, работеле на тоа и биле во работните групи во кабинетите на сите министри за здравство досега,  откако вчера министерот за здравство Азир Алиу најави дека ќе се менуваат 12 закони од здравството.

    Здружението вчера реагирало дека не биле поканети на презентацијата на 12 закони, па денеска биле поканети на средба со министерот Алиу на која им било кажано дека е направен административен пропуст.

    „Докторите имаат Закон за здравствена заштита во кој се опишани по сите основи, а сестрите во само два до три члена, што е недостоинствено. Или во моментот веднаш се потребни дополнувања на анекси и изменување на Законот за здравствена заштита за структурно да се постават некои работи или законот за сестринството мора да се донесе без оглед дали е донесен законот за лекарите. Ова е преседан кој не можеме да го надминеме. Да не бидете во процес на сопствен закон, да не бидете на јавна расправа, да ве застапуваат формални луѓе заминати во пензија со години, кои на 1. си ја добиваат пензијата и им е гајле за сестрите кои гинат внатре во болниците. Доста е веќе“, рече Бешлиоска, додавајќи дека веќе нема да дозволат и натаму да бидат маргинализирани при носењето закони во сопствената држава, ќе извршат меѓународен притисок врз здравствените власти и ќе ги повикаат здруженијата на пациенти да им помогнат.

    „Не можат медицинските сестри да бидат административен пропуст, ниту трошок, ниту бројки. Дегутантно е да дојдете во ситуација да слушнете ваква информација. Ние ништо не уценуваме. Така беше сфатена нашата реакција, како уцена. Ако досега уценувавме целиот период наназад немаше да дојдеме до ваква маргинализација на сестринската професија. Иако зборуваме за тоа дека Унијата на здруженијата на медицинските сестри го донесе меѓународниот свет на сестринството минатиот викенд на Конгресот во Струга, каде сме гласот во меѓународното креирање на политиките за сестрите, замислете какво ни е чувството кога сте маргинализирани за носењето закони во сопствената држава. А имате сестри кои се на ниво помошник на лекар, нешто што веќе не го признава некоја“, рече Бешлиоска.

    Нашите медицински сестри, кажа таа, мора да ја имаат вертикалата на кариерниот развој која ја побарува директивата ии во сето она што го уредува образовниот процес на сестрите.

    „Не знам по кој пат законот сме го работеле во работни групи, им го доставивме и вчера да имате повикани формални луѓе. Го побарав од министерот и му кажав дека едно од најголемите барања во овој момент е советодавно место на медицинска сестра во Министерството, сектор. Да не слушаме вакви приказни дека правникот пропуштил, тој пропуштил, нас тоа не нѐ интересира. Ние сме најголема бројка во здравствениот систем, што треба да направиме да ги оставиме пациентите во болниците и да излеземе на улица. На културен и професионален начин си ги бараме своите права. Дојдовме во ситуација да не бидеме повикани на јавна расправа, да не сме дел од групите, и да испратиме се што треба и најболното е што се им подготвуваме, сѐ ќе испратиме не само сега на сите и после тоа тие ќе го прифатат во работата, а сестрите повторно маргинализирани. Воопшто не не спомнуваат дека ние го направивме тоа“, кажа Бешлиоска.

    Бешлиоска рече дека ќе ги покренат и здруженијата на пациентите со кои се вмрежани бидејќи со сите имаат потпишано договори и треба да им помогнат.

    „Мора медицинските сестри да го добијат своето место со цел подигнување на вредноста на пациентите. Одредени луѓе кои со години се провлекуваат во работата на овие закони беа повторно таму повикани. Дајте да ги видиме резултатите, да видиме што некој сработил досега. Не може медицинските сестри да прегоруваат во болниците, а ние да имаме незадоволни пациенти. Еден ден сите без исклучок ќе бидеме пациенти. Бараме сериозно образование на сестрите, сериозно пресликување на нивните компетенции во болниците. На ваков начин тоа не може така да биде, медицинските сестри ќе се одлеваат и натаму и ќе дојде време кога нема кој да не лекува и кога нема да има сестри за да се јават на конкурсите, рече Бешлиоска.

    Нагласи дека медицинските сестри се незадоволни немаат здрава работна околина, безбедносни услови на работа, вреднување и валоризација на трудот и признавање на образованието.

    Според неа, не може наутро десет пациенти да ги нахрани една медицинска сестра или да ги услужи, а треба три да бидат околу нив во елективните одделенија, не може во интензивните неги наместо на еден пациент да има една сестра, да има една сестра на шест, седум пациенти.

    „И сестрите имаат недостатоци, тоа ќе го направи законот, кој го бараме и за законски рамки и обврски кои ќе казнуваат по основ на се или нешто. Можеше ли да ја земат на одговорност сестрата на Онкологија за грешката, не, па таа нема линценца, по кој основ ќе одговара. Дали видовте години наназад нешто да се помрдне за медицинските сестри. Имавме многу средби со овој министер и жал ми е што и самиот тој е затечен и преземал ригорозни мерки кон сите тие кои не си ја извршиле работата како што треба. Донесе одлука веднаш се што е пропуштено во целокупниот процес наназад да се вратат нештата за да може да бидеме вклучени и во сите 12 закони и во наредните закони кои се носат, меѓутоа ние побаравме од него сето тоа да биде преточено преку сектор за сестринство“, рече Бешлиоска.

    По реакцијата на Бешлиоска, Mинистерството за здравство соопшти дека ја почитува улогата и професионалниот придонес на медицинските сестри во здравствениот систем, дека министерот денес ги примил претставниците на „За нас“.

    „На средбата јасно беше истакнато дека процесот за усогласување на 12.те закони не е затворен ниту финализиран, туку продолжува по етапи, со можност стручните забелешки да се вградат пред влегување во собраниска процедура. Министерот апелираше процесот да не се политизира, туку да остане во рамки на професионален дијалог и аргументирани предлози, во интерес на пациентите и целокупниот здравствен систем“, велат од Министерството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира