Истрагата за насилствата на 27 април мора да открие кои беа насилниците кои беа искористени или потплатени да тепаат, а кои се тие што стоеја во позадината, што ги отворија вратите на Собранието, што го организираа насилството и кои што сакаа Македонија да биде во крв, само за тие и нивниот криминал да останат неказнети, изјави денеска пред Основниот суд Скопје 1 министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Таа денеска за првпат по нападот врз неа во Собранието, се соочи на судење со обвинетиот Панче Ангелов, кој и ја корнеше косата и ја повреди.
На новинарско прашање дали е повикана од Обвинителството за организиран криминал за истрага во кој се истражува организаторот, т.е. организацијата и планирањето на крвавите насилства, Шекеринска одговори:
„Јас само еднаш сум била поканета од страна на обвинителството, и тоа од Основното јавно обвинителство. Јас се надевам дека има веќе доволно информации кои беа достапни и на јавноста. Точно се гледа барем еден дел од организацијата, можеме со очи да ја видиме. И заради тоа мислам дека не треба да се одолговлекува, зашто единствена шанса на насилството да му дадете втор обид, е да не го казнувате. Ако насилниците слободно шетаат, ако организаторите слободно шетаат уште и држат лекции, тоа не е добар знак“.
Шекеринска рече дека според информациите кои доаѓаат, насилството го извршиле платеници.
„Сите овие насилници кои беа платени или изманипулирани да тепаат, да убијат, да повредат новинари, пратеници и граѓани на Македонија мора да сфатат дека некој ги искористи и ги втурна во вршење на сериозно кривично дело. Одговорноста мора да оди и кај нив, но и кај оние што овие насилства ги организираа“, рече министерката за одбрана.
Минатиот петок и премиерот Зоран Заев го повика јавното обвинителство побрзо да ја заврши истрагата за 27 април.
Во интервју за ТВ Телма тој рече дека „би можел да крене слушалка, но нема бидејќи не сака да влијае на истрагата“, но во секој случај, и да нема докази Обвинителството треба да соопшти што побрзо.
„Ме боли, ме кине тоа што сè уште се на слобода тие што на 27 април тргнаа да нè убиваат во парламентот“, изјави Зоран Заев.
„Чекам завршница. Но, тоа е Јавното обвинителство на Република Македонија“, рече тој.
С. К. ДЕЛЕВСКА