НЕ МОЖЕМЕ ДА ГИ ОГРАНИЧИМЕ ЦЕНИТЕ ВО РЕСТОРАНИТЕ И КАФУЛИЊАТА, ЌЕ РАСТАТ СЀ ДОДЕКА ИМА КОЈ ДА ПЛАЌА, ВЕЛИ МИЦКОСКИ ЗА ИНФЛАЦИЈАТА

    НЕ МОЖЕМЕ ДА ГИ ОГРАНИЧИМЕ ЦЕНИТЕ ВО РЕСТОРАНИТЕ И КАФУЛИЊАТА, ЌЕ РАСТАТ СЀ ДОДЕКА ИМА КОЈ ДА ПЛАЌА, ВЕЛИ МИЦКОСКИ ЗА ИНФЛАЦИЈАТАЗаедно со амбасадорката на САД, Анџела Агелер, премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на презентација на новопристигнатите 29 лесни оклопни возила – JLTV од САД во штипската касарна „Јане Сандански“. (Фото: Влада)

    Владата не може да ги ограничи цените што ги поставуваат рестораните, кафулињата и транспортните компании, изјави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи ги токму услугите како главен поттикнувач на инфлацијата. Според него, цените на овие услуги ќе продолжат да растат сè додека има потрошувачи кои можат да ги платат.

    „Ќе се обидеме да интервенираме во делот на услугите, во рамките на можностите. Но, не можеме да ги ограничиме рестораните, кафулињата или транспортните компании која е цената која што ќе ја постават за таа услуга. Сè додека може некој таа услуга да ја плати, тие за жал ќе ја качуваат цената и тоа ќе влијае на конечната инфлација“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во штипската касарна „Јане Сандански“ на презентација на нови оклопни возила.

    Тој рече дека анализата покажала оти ад хок ограничувањето на маржите, како мерка, се прелева негативно во месеците што следат, отворајќи го прашањето дали со такви мерки се нарушува пазарната економија.

    Истовремено, премиерот најави дека Владата нема да толерира злоупотреби од страна на „одредени синџири на супермаркети“.

    „Нема да толерираме дивеење од страна на одредени ланци на супермаркети кои преку скриен маркетинг се обидуваат да ги изигруваат законите. Многу скоро ќе излеземе на терен и овие скриени маркетинг услуги ќе бидат жестоко санкционирани“, изјави Мицкоски, додавајќи дека Агенцијата за заштита на конкурентноста веќе работи на случајот.

    Во однос на примањата на граѓаните, тој рече дека идните политики ќе се фокусираат на поврзување на зголемувањето на личните доходи со растот на продуктивноста, иако, како што кажа, тоа може да има политички последици и да предизвика незадоволство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира