Што ќе ни се ружи кога немаме за леб, рекоа на денешниот марш по повод 8 Март. Организатор на маршот е Платформата за родова еднаквост, а се одржа под мотото „Нека јадат ружи“. Присутните маршираа од пред Универзална сала, по булеварот Партизански одреди, покрај Владата и преку мостот „Гоце Делчев“ до паркот Жена борец.
„8-ми Март не е ден за симболични гестови и излитени фрази. Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи кога немаме за леб? Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира животите и ни ги ограничува одлуките и можностите. А, во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената. Токму затоа, велиме не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија“, рекоа од Платформата за родова еднаквост.

Присутните маршираа од пред Универзална сала, по булеварот Партизански одреди, покрај Владата и преку мостот „Гоце Делчев“ до паркот Жена борец. (Фото: К. Попов)
Осмомартовски марш традиционално организираше опозициската СДСМ, овојпат во Струмица. Лидерот на СДСМ Венко Филипче во говорот кажа дека е жално што во овој месец на жената јавноста беше сведок на скандалозни изјави со говор на омраза и дискриминација кон жените, и тоа од страна на носителка на висока јавна функција, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Борбата за правата на жените и девојките е борба за праведно општество кое зависи од сите нас. Тоа праведно општество бара од нас да бидеме гласни и да се спротивставиме секојпат кога ќе сведочиме деградација на која било жена. А, најмногу кога таа деградација ќе дојде од друга жена и среде нашиот законодавен дом, кој им припаѓа на сите граѓанки на оваа држава. Голем срам е жена носителка на јавна функција да е таква непријателка на друга жена. Со кој ли образ денеска ќе го честита овој празник?“, рече Филипче.