Пријавени се 15.004 кандидати за полагање на двата екстерни испита од годинашната државна матура, што се спроведува денес и на 11 јуни. Од нив, 8.816 ученици се од средните стручни училишта, 5.966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.
Според Државниот испитен центар (ДИЦ), 9.969 ученици се пријавени за испитот по македонски јазик, 4.339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за српски јазик.
Вториот екстерен испит од државната матура, кој е изборен за учениците, ќе се полага на 11 јуни. Како и во минатите години, и на оваа државна матура најголем број избрале да полагаат англиски јазик (13.457).
За тестот по математика се пријавиле 1.246 ученици, 73 ќе полагаат германски јазик, 24 – француски јазик, 62 – естетика. За тестот по филозофија има седум кандидати, четворица за руски јазик и тројца за италијански јазик.
За надгледување на испитниот процес, ДИЦ ангажираше околу 2.000 тестатори.
Матурантите ќе ја полагаат државната матура во своите училишта доколку ги исполнуваат потребните стандарди за спроведување на испитите. За училиштата кои немаат просторни услови, ДИЦ ќе овозможи полагањето да се спроведе на факултетите врз основа на барања што му ги доставиле засегнатите училишта.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера апелираше до тестаторите да ја спроведат сериозно работата и во корист на учениците, а тие да не се обидуваат да препишуваат и испитот да го сфатат како дел од нивното образование кој не треба да претставува никаков проблем.
„Тестаторите да си ја спроведат сериозно работата и во корист на учениците и на државата. Дополнително напоменувам дека е затегната легислативата и таа треба максимално да се почитува. Им порачувам и да не се борат со системот, да не бидат премногу иновативни изнаоѓајќи разни начини да се снајдат при полагањето на државната матура. Поконкретно кажано, ги замолувам одредени групи, групации и поединци да не го користат препишувањето како метод за полагање на државната матура. Затоа што тоа не е ниту во нивна корист, ниту во корист на нивните родители, ниту во корист на државата“, апелираше Јаневска.
Матурантите кои во јунската испитна сесија нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе можат да полагаат во августовската сесија – на 12 август е испитот по мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, а на 14 август е полагањето на изборниот екстерен испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, италијански јазик, филозофија, естетика).
Минатата 2023/2024 година, средната оценка од државната матура беше 3,25, во 2023 беше 3,65, во 2022 просечната оценка од испитите по сите предмети беше 3,78 и 3,61 во 2021.
Според директорката на ДИЦ, Даниела Јовчевска-Михајловска, идејата за поставување блокатори за мобилни телефони и за други електронски уреди, со кои би се оневозможило препишувања и други злоупотреби на испитите, нема да се реализира ни оваа година, но таа опција, останува за во иднина.