Министрите за надворешни работи на Македонија и на Србија, Никола Димитров и Ивица Дачиќ, се договорија да ги подобрат односите по обвинувањата од српските власти за офанзивни разузнавачки активности против Србија.
На прес-конференција во Ниш шефот на српската дипломатија Дачиќ рече дека „информациите за разузнавачките активности не се однесуваат на македонската Влада, туку на безбедносниот сектор, кој тоа го правел заедно странски фактор“.
Дачиќ не кажа за која држава станува збор.
Никола Димитров рече дека областа на разузнавањето е деликатна и поради тоа не сакаат да шпекулираат.
„Ме радува ако испадне дека информациите се точни дека не е инволвирана македонската влада. Затоа особено е важно овие информации детално да се испитаат“, рече Димитров.
„И од овие денови можеме да видиме нешто добро, а тоа е да ги подобриме односите. Да ги донесеме на едно подобро ниво отколку што беа пред неделата. Свесен сум колку јавноста е збунета и жедна за информации, но поради природата на тој сектор мислам дека во оваа фаза, навлегувањето во детали може да не однесе во погрешна насока“, рече Димитров.
Амбасадата на Србија во Скопје функционира нормално.