НЕ РАБОТИМЕ НА ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ ЗА ОТКУП НА СТАЖ И ПРЕДВРЕМЕНО ОДЕЊЕ ВО ПЕНЗИЈА, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ШАХПАСКА

    НЕ РАБОТИМЕ НА ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ ЗА ОТКУП НА СТАЖ И ПРЕДВРЕМЕНО ОДЕЊЕ ВО ПЕНЗИЈА, КАЖА МИНИСТЕРКАТА ШАХПАСКАЗасега се работи само на законско решение за задолжително одење во пензија на 64 години, со одредени исклучоци, вели министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска вели дека владата во моментов не работи на законско решение за докуп на стаж и предвремено одење во пензија, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, на која го презентираше планот за работа на нејзиното министерство. Шахпаска појасни дека се работи на ново законско решение за пензионирање, но само за задолжително одење во пензија на 64 години, со одредени исклучоци.

    „Во моментов работиме на законот за пензионирање со возраст од 64 години и 15 години работен стаж и ќе ги опфаќа сите вработени во јавниот сектор. Ќе остава можност за исклучок во реалниот сектор каде што работникот и работодавачот со заемен интерес би се договориле за продолжување на работниот век. Сакаме државата да функционира беспрекорно. Исклучоци ќе се прават само во одредени сектори, говорам пред сè, за здравствените работници бидејќи не сакаме да го доведеме во прашање пружањето квалитетна здравствена заштита за сите граѓани во државата. Исто така, се размислува и во делот на наставен кадар во високообразовните институции. Она што е докуп на стаж и предвремено одење во пензија по други основи ќе биде предмет на една поширока дебата во која што треба да бидат вклучени сите чинители од социјалниот дијалог и тоа е законско решение за кое во моментов не работиме“, изјави Шахпаска.

    Министерката вели дека првин треба да е направи анализа кој би изразил желба да откупи стаж и да оди предвремено во пензија, под кои услови и какви би биле финансиските импликации. Оттука, вели таа, дебата ќе биде отворена и нема да се носат брзи одлуки и дека тоа не е нејзин личен став, туку на целата влада. Во владината програма стои дека ќе се овозможи флексибилен пензиски систем со воведување можност за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намален износ на редовната пензија.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира