НЕ СЕ ЧУВСТВУВАМЕ ВИНОВНИ ЗА КРИВИЧНОТО ДЕЛО УБИСТВО НА СВИРЕП НАЧИН, РЕКОА ОБВИНЕТИТЕ БЕЉА И ДЕМИРИ НА ПОЧЕТОКОТ НА СУДЕЊЕТО ЗА УБИСТВОТО НА НИКОЛА САЗДОВСКИ

    НЕ СЕ ЧУВСТВУВАМЕ ВИНОВНИ ЗА КРИВИЧНОТО ДЕЛО УБИСТВО НА СВИРЕП НАЧИН, РЕКОА ОБВИНЕТИТЕ БЕЉА И ДЕМИРИ НА ПОЧЕТОКОТ НА СУДЕЊЕТО ЗА УБИСТВОТО НА НИКОЛА САЗДОВСКИОбвинетите за убиството на Никола Саздовски, Бесим Беља и Скендер Демири, на денешното судење во Основниот суд Скопје 1 (Фото: Ѓ. Личовски)

    Обвинетите Бесим Беља и Скендер Демири се изјаснија дека за убиство на свиреп начин на Никола Саздовски, припадник на навивачката група Комити по бруталното претепување на 29 јуни годинава, не се виновни. На судењето кое почна денеска во Основниот суд Скопје 1, адвокатот на Бесим Беља рече: „Нема свирепо убиство ако жртвата нема свест и не чувствува волја и свирепост кај тие што го вршат кривичното дело врз него“.

    И адвокатот на Демири рече дека нема тука свирепо убиство, туку дека по нападот и тепањето, сега покојниот паднал на метална кутија на ЕВН, кој пад бил фатален за него да падне во кома и набргу да почине.

    Обвинителот од ОЈО Скопје во воведниот збор кажа оти ќе докаже дека Беља, Демири и Јетон Љужа кој е во бегство, на 29 јуни 2018 година околу 17.45 часот на булеварот Александар Македонски во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката Алкалоид, му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта. Откако оштетениот им ја покажал личната карта, го прашале: „Ти ли си тој Никола Саздовски што го викаат Саздо?“

    Кога Саздовски го потврдил идентитетот, обвинетите заедно почнале да го удираат со боксови во главата и градите. Од силните удари Саздовски загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што обвинетите без милост, истовремено, и со силни удари продолжиле со клоци да го удираат по главата и градите. Од ударите оштетениот добил тешки телесни повреди со конкретна опасност по животот и паднал во коматозна состојба.

    Саздовски во бессознание бил пренесен во ургентниот центар при Клиничкиот центар Мајка Тереза. Истиот ден бил пренесен во Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар – Скопје, Одделение за анестезија и реанимација, каде на 3 јули 2018 година била констатирана мозочна смрт. Како резултат на здобиените повреди, стои во обвинението, на 9 јули 2018 година оштетениот починал.

    Доказната постапка почна со сведочење на Тони Саздовски, татко на убиениот Никола. По него почна да сведочи малолетничката Е. Б., која кажа дека добивала закани преку телефон, но нејзиното сведочење беше прекинато за да реши судечкиот совет дали таа ќе сведочи јавно.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира