Во продолжение на воведните зборови на обвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 за измама и перење пари во случајот „Меѓународен сојуз“, тој го нападна обвинението на обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, најавувајќи факти за тоа колку бил сериозен проектот за изградба на старечки домови, поради што зад него застанала целата влада на чело со тогашниот премиер Зоран Заев.
Бизнисмените Силјан Мицевски и Адријан Амзоски, рече тој, никогаш не поднеле пријава против него, имале одлична соработка, но до денот на апсењето за т.н. случај „Рекет”.
„Идеен творец и координатор на проектот за изградба на европскиот центар за возрасни лица е Лилјана Тодоровска, на чие име се уплатени средствата. Проектот не е шега, требаше услугите да ги користат и пензионери од странство, до три месеци, колку што државата дава максимум дозвола за престој на странски државјани. Сакавме да има вмрежување со бизнис секторот. Ниеден денар не сум искористил од Буџетот или злоупотребил нечии пари, ова беше самоодржлив проект. Ова не е хуманитарна, туку невладина организација. Имав поддршка од Владата, со функционери многу повисоки од неа. Од Оливер Спасовски имав поддршка за проектот: ‘Стоп за децата на улица’. Имав прием кај премиерот Зоран Заев, има записник, договаравме меморандум за соработка. Јас ли сум крив што сум имал идеја да направам самоодржлив проект што не може ни министерството за труд и социјала да го направи? Цела Влада стоеше зад овој проект, па и дел од локалната власт. Тврдам дека овие средства на бизнисмените Силјан Мицевски и на Ардијан Амзоски не се уплатени на сметката на Меѓународниот сојуз, туку на приватна сметка. Па што се тие, мали бебиња се да ги измами некој? Зошто ми се суди за измама, па уште и за перење пари, а 5 милијарди евра се изнесоа од државата и никого Обвинителството не гони за тоа?”, зборуваше Јовановски.
Потоа кажа колку бил сериозен проектот, за кој сега двајцата бизнисмени си ги бараат околу милион евра.
„Меморандум за соработка потпишавме и со министерот Горан Сугарески, со општините Битола, Охрид, Дојран и Карпош”, рече Боки 13.
Кажа дека Тодоровска, на чија сметка бил уплатен милионот, си ги подигнала самоиницијативно средствата.
Во овој случај, покрај Боки 13, обвинети се и татко му Миле Јовановски, потпретседателката на парламентот Фросина Ташевска-Ременски, Јасна Мандиќ, заменик-претседателката на невладината организација на Боки „Меѓународен сојуз”, како и нејзината асистентка Кристина Блажевска.
С. К. ДЕЛЕВСКА