НЕ СЕ СРАМАМ ШТО СУМ БОГАТ, ВЕЛИ АНЃУШЕВ КОЈ ПРИЈАВИ ИМОТ ОД 27 МИЛИОНИ ЕВРА ВО АНКЕТНИОТ ЛИСТ

    НЕ СЕ СРАМАМ ШТО СУМ БОГАТ, ВЕЛИ АНЃУШЕВ КОЈ ПРИЈАВИ ИМОТ ОД 27 МИЛИОНИ ЕВРА ВО АНКЕТНИОТ ЛИСТВицепремиерот Кочо Анѓушев вели дека неговиот анкетен лист е пример како може дете на стечајци да направи богатство со ум и сопствен труд. (Фото: СДК.МК)

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека не се срами од богатството што го заработил и најави дека во владата ќе работи за беспари, а платата од 1.300 евра ќе ја донира. Тој во анкетниот лист има пишано недвижен и движен имот во вкупна вредност од околу 27 милиони евра.

    „Ќе работам про боно. Мојата плата од 81.000 денари ќе ја донирам. Пола ќе оди кај 4 сиромашни семејства, пола во фонд за стипендирање студенти од технички науки. Не се срамам што сум богат. Не се срамам од тоа што сум заработил. Нека се срамат тие што не плаќале данок тука. Јас имам даночни пријави и сум плаќал во оваа држава“, кажа Анѓушев на брифинг во владата.

    Извадок од анкетниот лист на Анѓушев со подвижниот имот.

    Според анкетниот лист, Анѓушев и сопругата поседуваат куќа и пет стана во Скопје, куќа на Халкидики и стан во Белград, проценети на вкупно 1,7 милиони евра. Имаат и два деловни простори во Скопје. Вицепремиерот пријавил и три возила, Порше каен, Масерати ГТ и Мини катримен, проценети на 170.000 евра, како и еден чамец Регал од 30.000 евра.

    Вицепремиерот за економски прашања и сопругата поседуваат две куќи и шест стана во Македонија, Србија и Грција.

    Анѓушев поседува и часовници Картие, Омега, Лонжин и Ролекс со вкупна вредност од 40.000 евра, како и 20 уметнички слики и скулптури од 105 илјади евра. Од заштеди, на девизна сметка има 1.200.000 евра, а на денарска околу 75.000 евра. Тој има пријавено и заеми од 1,2 милиони евра, а од рента досега има заработено 130 илјади евра. Анѓушев и сопругата имаат удели во компаниите Фероинвест и Офисрент во износ од над 21 милион евра.

    Вицепремиерот вели дека неговиот анкетен лист е пример како може дете на стечајци да направи богатство со ум и сопствен труд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира