Изработката на учебници е комплексен процес што зависи од повеќе фактори, независни од системско влијание, вели Министерството за образование и наука (МОН).
Вчера, претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Весна Бендевска рече дека годинава учебници по сите наставни предмети и на сите наставни јазици оваа учебна година ќе имаат само учениците во прво и второ одделение, и дека станува збор за дискриминација на учениците. Можно е да поднесат судска тужба за системска и продолжена дискриминација на учениците, што би било прв случај Антидискриминациската комисија да побара судска заштита како највисока заштита од дискриминација.
Од МОН денес велат дека согласно законските и подзаконските акти, навремено се започнати и извршувани активностите од нивна надлежност за изработка на учебниците.
„Министерството нема законски механизми да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да се неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што исто така води до пролонгирање на процесот. По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на 17-члената Национална комисија за учебници“, вели Министерството.
Оттаму додаваат дека во тек е темелна реформа на образованието која наметнува одредени неусогласености да се надминуваат во од.
„За да можеме да ја финализираме реформата, издигнувајќи го квалитетот на образованието, очекуваме од сите засегнати чинители да дадат поддршка, затоа што нашата цел, а веруваме и на сите останати – родителите, институциите, граѓаните, е учениците да стекнуваат знаења и вештини кои ќе ги направат рамноправни со нивните врсници од развиените земји“, вели Министерството за образование.
Б. НЕСТОРОСКА