Премиерот Димитар Ковачевски смета дека уставните измени треба да се направат според македонски модел, кој ќе го изработат домашни експерти со вклучување на сите партии и јавноста. Ковачевски, кој денеска беше домаќин на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, одговарајќи на новинарско прашање за предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кажа дека не е ниту за ниту против отворање на Преамбулата на Уставот според хрватскиот модел. ВМРО-ДПМНЕ вели дека би го поддржала моделот на хрватската Преамбула, со што би се се сменил мултиетничкиот карактер на државата во унитарен.
„Слушам дека има партии кои предлагаат друг модел, трети предлагаат трет модел. Сметам дека ние имаме македонски модел затоа што секогаш сме се бореле за македонска држава, македонски јазик и македонски идентитет и сметам дека треба да продолжиме на европскиот пат со македонски консензус и македонски визија. Обврска на сите партии е да ги поддржат стартешките одлуки на државата и тие да не станат дневно-политичка борба. Затоа, треба да се седне на експертско ниво и да се изработи предлог кој одговара на Македонија и нашите закони. Јас не кажав дека сум за нешто или против нешто. Кажав дека сум за уставни измени со кои ќе ги отвориме кластерите после ноември и до 2030 година ќе станеме земја членка на Европската унија со македонски идентит и заштитен македонски јазик“, кажа Ковачевски на заедничката прес-конференција во Владата со хрватскиот премиер Пленковиќ.
Ковачевски го одби и барањето на Мицкоски за лидерска средба за овој предлог на опозициската партија.
ВМРО-ДПМНЕ пред 3 дена предложи во Преамбулата Македонија да се „воспоставува како национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинствата: Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и др., кои се нејзини државјани, на кои им се гарантираат исти права со тие на македонскиот народ и остварување на националните права, во согласност со демократските норми на Организацијата на Обединети Нации“. Актуелната Преамбула на македонскиот Устав гласи: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина…“
Пленковиќ, прашан за предлогот при промената на Уставот да се примени хрвасткиот модел, рече дека тоа прашање го остава на македонските институции и партии.
„Сметам дека е неопходно да се постигне консензус за ова прашање, првенството зад него да застане народот, а потоа и политичките партии. Процесот мора да ги елеминира неправдите и фрустациите кои постојат. Знам дека одлуките кои ги носевте ниту беа едноставни ниту беа лесни. Бевте неоправдано спречувани на вашиот европски пат. Но, сега вашата земја мора да продолжи кон тој пат“, рече Пленковиќ.
А. АНТЕВСКА