НЕ ВЕЛАМ ДА ИМА, АМА НЕ МИ Е ЈАСНО ЗОШТО НЕМА ДОЈАВИ ЗА БОМБИ ВО ПРИВАТНИТЕ ШКОЛИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ШАЌИРИ

    НЕ ВЕЛАМ ДА ИМА, АМА НЕ МИ Е ЈАСНО ЗОШТО НЕМА ДОЈАВИ ЗА БОМБИ ВО ПРИВАТНИТЕ ШКОЛИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ШАЌИРИШаќири на денешниот состанок на Управниот комитет на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (СЕЕИИСТ). (Фото: МОН)

    Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вели дека очекува во најбрз можен рок Владата да ги дискутира сите проблеми што произлегоа по дојавите за бомби во земјава во средните и основни училишта, поради што учениците губат многу часови. Вчера најголем број школи  добија заканувачки пораки за поставени бомби, а дојави има и денеска.

    Шаќири очекува да се разговара и за проблемите во целодневната настава, проблемите што ги имаат родителите што се вработени за да може, како што рече, да се најде нов предлог за решение по препорака на надлежни институции, со оглед на тоа што се зголемува бројот на училишта што добиваат дојави, а таргет сега се и основците покрај средношколците. Рече и дека ќе се анализира ситуацијата, ќе се земат искуствата од други земји и ќе се разгледува електронската комуникација.

    „Вчера беше првиот ден по првите препораки што ги добија училиштата само во Скопје. Повеќе од 90 отсто од проблемите се само во Скопје. По тие препораки вчера беше првиот ден кога ги видовме проблемите во изведување на онлајн-наставата и проблемите што произлегоа за родителите. Некои од училиштата не очекуваа и во претходниот период немаа дојави за бомби. Училиштата што ги добија препораките во петок и кои пристапија со лозинките во системот тие вчера немаа проблем. Некои од училиштата што вчера првпат добија дојава за бомба, за половина до еден час ги надминаа проблемите“, рече Шаќири и додаде дека МОН е против онлајн-настава но одлуката ја донеле по препораките за безбедност.

    На прашање дека само државните, а не и приватните училишта добиваат дојави за бомби, Шаќири одговори: „И јас се прашувам неколку пати зошто само во државните училишта. Не сакам да кажам да има дојави за бомби и во приватните училишта, туку би сакал да кажам да нема дојави и во државните“.

    Дали се размислува сите средни училишта да преминат на онлајн настава, тој одговори дека „не е лесна одлука“ дали тоа да биде за средните во Скопје или во цела држава.

    „Не брзаме да донесеме таква одлука, зашто таква одлука би требало да се донесе и за основните. Затоа што вчера и денеска има повеќе дојави за основни отколку за средни училишта. На почетокот не беа таргет основците, беа само средношколците, сега дојави има и во основните училишта што отвора нов проблем“, рече Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по состанок на Управниот комитет на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (СЕЕИИСТ).

    За тоа дали ќе има последици за државната матура, Шаќири рече дека Државниот испитен центар ги презема сите чекори за таа да се организира успешно.

    „Матурите ќе се организираат, формирана е работна група за сите работи за да не се остава на случајности“, кажа Шаќири.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира