НЕ ВИ СЕ ЗАКАНУВАМЕ, САМО НЕМА ДА ВЛЕЗЕТЕ ВО ЕУ И НАТО АКО НЕ УСПЕЕ РЕФЕРЕНДУМОТ, ВЕЛИ МЕРКЕЛ

    НЕ ВИ СЕ ЗАКАНУВАМЕ, САМО НЕМА ДА ВЛЕЗЕТЕ ВО ЕУ И НАТО АКО НЕ УСПЕЕ РЕФЕРЕНДУМОТ, ВЕЛИ МЕРКЕЛНа заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев по нивната средба во Владата, Меркел кажа дека референдумот е шанса што се укажува само еднаш во животот на една генерација. - Од прес конференцијата во Владата на германската канцеларка Ангела Меркел и македонскиот премиер Зоран Заев (фото: Ѓ. Личовски)

    Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика македонските граѓани да излезат на референдумот за името на 30 септември и да го искористат своето демократско право да кажат што мислат за иднината на земјата. Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека влез во НАТО и ЕУ е возможен само ако успее референдумот и дека тоа не е закана, туку природна состојба, бидејќи сите членки на двете организации мораат да гласаат за прием на нов член.

    „Јас не сум за закани, ако има позитивен исход референдумот вие можете да станете членка на НАТО, а потоа и на ЕУ. Но, има предуслови. Имаше спор, мораше да се најде решение за тој спор. Затоа, прашањето на НАТО и решението на тој спор се многу тесно поврзани, бидејќи знаеме дека нема сите членки да гласаат за прием на вашата земја во НАТО, ако ова не биде решено“, одговори Меркел на прашање зошто Македонија да остане во изолација ако не успее референдумот.

    На истото прашање, таа додаде: „Денес ние овде зборуваме за позитивен исход, дека ќе има големо учество на овој референдум. Не можеме да се занимаваме со тоа ако не успее, туку треба да се подготвуваме да успее“

    На заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев по нивната средба во Владата, Меркел кажа дека референдумот е шанса што се укажува само еднаш во животот на една генерација и дека таа се залага за поголемо учество на граѓаните на референдумот.

    „Не зборувавме само за билатералните односи, туку и за она што ќе се случува на референдумот на 30 септември. Референдумот е можност за отворање на вратите на вашата земја. Предуслов да станете членка на НАТО и дел од семејството на ЕУ е успешен референдум. Од сопствено искуство можам да кажам дека ова е шанса што една генерација ја има само еднаш. Не останувајте дома на вака историски ден. Искористете ја вашата демократската можност да кажете што мислите за иднината на вашата земја. 30 септември е клучен ден за иднината на вашата земја“, изјави германската канцеларка.

    Меркел рече дека и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, со кого исто така ќе се сретне денеска, ќе му го каже истото: „Дека во една демократија клучните одлуки се носат низ заедништво“.

    Премиерот Зоран Заев рече дека посетата на Меркел е „уште едно охрабрување дека големите сили го поддржуваат доследното спроведување на Преспанскиот договор“.

    Тој ѝ се заблагодари на Меркел за иницирање на Берлинскиот процес за интеграција за земјите од Западен Балкан во ЕУ и кажа дека „ние ќе возвратиме со успешен референдум“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира